1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија е земја на поезијата“

19 август 2010

„75 години останав верен на моите внатрешни мечти. Се преселив во моите стихови и ме нема на друго место“, вели бугарскиот поет Љубомир Левчев, годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

https://p.dw.com/p/OrTK
Струга ги отвори вратите за поетитеФотографија: Milco Jovanoski

Љубомир Левчев е еден од најголемите живи бугарски поети. Во родната Бугaрија објавил над 30 книги со поезија и неколку романи. Неговото богато творештво е преведно и печатено во околу 70 издaнија во 34 земји во светот. Меѓународната поетска афирмација на Левчев започнува пред неколку децении токму во Македонија. Неговата прва преведена песна на некој друг јазик е „Затворениците слушаат музика “во превод на Гане Тодоровски. Оттука и неговата посебна возбуда:

„Струга е рајско, магично место. Малку сум возбуден бидејќи наградата е многу престижна, мислам поголема од мене и затоа не ми останува време да се порадувам на планината Галичица, на ова езеро кое е како едно око кое гледа од земјата кон небото.Ги познавам Струга и Охридското Езеро одамна. Сега се чувствувам како гостин на мечтите. Всушност реката Дрим значи сон или мечтаење. Само на македонски се вика Дрим. Јас седам на брегот на мечтите.“

Иднината ни е Европа, политиката на крај

Наталожените политички проблеми и романтичарските идеи на Бугарија во однос на македонското минато, култура и традиција, а пред се‘ во однос на јазикот се причина дури по пет децении од струшкиот фестивал „Златниот венец “ првпат да оди кај бугарски поет. Левчев, велат дека цели 10 години бил на листата на можни добитници:

„Тоа не знам . Не размислував дека ќе ја добијам. Не ја очекував, затоа ми е подрага. Десет години да ја чекаш, тоа е тешка работа. Но десет години гледав како се развиваат Струшките вечери како еден можеби од најголемите поетски фестивали во светот. Ете како една мала земја може да направи нешто што е светско во културата. Златниот венец во Струга, дозоволете да кажам, е најголемата награда за поезија којашто јас ја познавам.“

Го прашавме Левчев-се стопи ли мразот меѓу двете соседни земји. Се преведуваат книги од македонски на бугарски и обратно?

„Но тука имаше една невидлива„ Берлинска земја“ , која не беше наклонета за нашите народи.Но се пронаоѓавме бавно, постепено. Јас гледам добри перспективи на една европска иднина на нашите народи која политиката ке ја остави на заден план.“

Struga Innenstadt, Mazedonien
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

„Македонија ги сака своите поети“

Левчев Македонија ја нарече „Република на поезијата “.

„Така ми дојде. Ама после си реков сум имал право. Нема земја, ниту народ кој им должи толку многу на своите поети. Да си поет во Македонија, тоа е нешто важно, еве како јас сум тука. Македонија ги сака своите поети и поетите ја сакаат својата Македонија.“

Левчев вели дека во животот работел многу нешта, па дури бил на софиската железничка станица, но претежно живеел од публицистиката.

„ Јас никогаш не сум се пишувал како поет. Тоа го нема во ниту еден мој документ. Никаде не пишува професија поет. Професијата ми е љубовник. Јас сум новинар, се прехранував од публицистката. Не сум незадоволен од судбината, но таа не била секогаш праволиниска.“

Љубомир Левчев денеска засади дрво по паркот на поезијата донесено од Родопите, вети дека со нова поезија ќе им се оддолжи на Струга и Македонија за честа којашто му ја приредија. На Струшките вечери на поезијата годинава учествуваат 60 странски и педесеттина македонски поети.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска