„Македонија е еден од најнеутралните играчи“
2 февруари 2010Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата со шефот на финската дипломатија Александер Стуб уште нагласи дека во разговорите меѓу Атина и Скопје Mакедонија останува на позицијата за непроменливост на идентитетот и јазикот.
Стуб, пак, од своја страна, подвлече дека улогата на Македонија во регионот е многу важна. Таа е еден од најнеутралните играчи на Западен Балкан и има малку спорови за решавање, рече во Скопје шефот на финската дипломатија. Тој поддржува поголемата вклученост на ЕУ во спорот:
„Многу прашања се решени во ЕУ и претпоставувам дека за спорот со името е потребно вклучување на некоја од големите земји членки како Германија, Франција, Велика Британија, вклучувајќи го и претседателот на ЕУ Ван Ромпој, кои треба да одржат разговори со грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Се надевам дека по претседателски избори во Грција возот ќе почне да се движи и ќе најдеме решение во април“, изјави Стуб.
Тој на денешната прес-конференција со доза на финска иронија или хумор, изјави дека е среќен што слетал на аеродромот Александар во Скопје и бил сместен во хотелот со исто име. Шефот на македонската дипломатија Милошоски изнесе и критики на сметка на Атина и рече дека од реторика треба да се премине на дела.
Во рамките на еднодневната посета на Македонија, финскиот министер за надворешни работи оствари средба и со македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов.
Автор: АЧ/СН/миа/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска