1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е во интелектуален и културен хорор

18 октомври 2011

Немам потреба никому да докажувам дека јас сум Македонец, да се тетовирам со какви било знаци на тој идентитет, вели режисерот Слободан Унковски во интервју за ДВ

https://p.dw.com/p/12tti
Слободан УнковскиФотографија: Petr Stojanovski

Режисер кому сцената му е врата за слободарски дух, драмите се игри без ограничувања, подеднакво ориентиран од класиката да направи современие, од новите ангажирани текстови да создава театарска класика. Универзитетскиот професор Слободан Унковски ќе го најдете во Скопје, но и во предавалните во Бостон, Филаделфија, Москва. Драмите, од Кралот Лир или Арапска ноќ, до Буре Барут или Демонот од Дебар маало, со подеднаков елан, ги поставува во Атина или Скопје, Белград, Љубљана, Визбаден, Стокхолм или Москва.

„Јас не правам така драматична разлика кај сум, овде сум-таму сум, Скопје, Бостон или Атина. Ширењето ми помогна да добијам поголемо значење во мојата професија и во естетските вредности. Македонија има многу слики и сите се дел од една иста држава. Навистина Горан Стефановски со своите јавни настапи или Дејан Дуковски со своите драми преставен на 40 светски сцени тоа е Македонија. Нив нема потреба некој да ги чека на плоштад и да им држи митинзи.“

Еден од најпознатите македонски амбасадори на културата, во периодот на самостојноста влезе како зрел и афирмиран режисер, кој со писателот Горан Стефановски, ја направија единствената култна домашна телевизиска серија „Бушава Азбука“ која и денес има голема публика. И дома и во странство подеднакво ангажирано ги поставуваше драмите на Шекспир или текстовите на Стефановски или Дејан Дуковски. Во Белград режираше и опера.

Но како по правило, уметничките конекции со Грција предизвикуваа подеднаква страст, во тамошните и македонските медиуми и политичко-културна јавност.

„Во Грција направив три престави. Со последната „Орест“ одиграна во Епидаурус, пред 15 илјади гледачи, со конциденција дека премиерата беше на 2 август, постигнав максимум. Независно од разновидните сомневања, па и напади коментари околу моето потекло, Македонец. Но независно од ова медиумите коректно ги пренесуваа моите коментари, изјави, пишувајќи дека сум Македонец, сеедно дали понекогаш тоа го ставаа под наводници. Тоа е една од нашите мисии низ светот, како што во Антверпен, тогашната европска престолнина на културата, на прес конференција, бевме најавени како Македонци од Република Македонија. И тоа е дел од нашата мисија, од големата борба да ја промовираме нашата држава, каде и да сме, кога и да работиме нешто“.

Slobodan Unkovski Regiesseur aus Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Да се вратиме на сегашноста поради иднината

Одговарајќи на прашањето зошто „Кралот Лир“ во Грција го прочитал како своевиден фројдизам, Слободан Унковски за ДВ одговори:

„Мислам дека Шекспир е многу балкански писaтел. И јас така и го доловив на грчката публика, неговата најзначајна драма, со нејзината структура, ја поставив за да можат Грците да ја препознаат драмата на својот современ живот“.

Како Унковски го дефинира културниот и националниот идентитет, дали е тоа поларитет на еден ист код?

„Сте или не сте тоа. Немам потреба никому да докажувам дека јас сум Македонец, да се тетовирам со какви било знаци на тој идентитет. Добро е да се дискутира за него, да се размислува или дефинира, но не ми е блиска оваа антика. Грчевито ни е потребно да се вратиме во сегашноста – поради иднината, да одиме напред со нашиот систем на вредности, особено јазичниот идентитет, традиција и со нив на светот да му покажеме кој сме и од каде доаѓаме. На пример, моите премиери во Атина или Германија или САД се најавени како режија на Унковски од Македонија. Не се занимаваат дали сум од Горна или Долна Македонија и не знам какви се не имиња се во игра. Јас сум Македонец и немам потреба тоа да го болдирам“, одговара професорот по глума и режија Слободан Унковски.

Поставувањето на култниот драмски текст од Коле Чашуле „Црнила“, нејзиното читање како македонски синдром за самоуништување, го доведе во состојба на творечка хибернација во Македонија, па шест години главно режира во теaтрите на националностите – турскиот, со „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелпенинг, но и на албанската сцена со драмата од Ибзен „Пер Гинт“, чиј независен продуцент беше познатиот македонски актер Бајруш Мјаку.

Идентитетско талкање

„Јас за жал не сум повеќе во Скопје, во моето Скопје на МНТ или Драмски. Веќе шестта година немам поставено драмски текст, освен на сцените на Турската или Албанската драма. Многу ретко поставувам на македонски и тоа ми недостига“.

Statue Alexander der Großen in Skopje, 20.06.2011, Foto gemacht: Petr Stojanovski (Alexander der Große, Mazedonien, Skopje)
Не ми е блиска оваа антика, вели УнковскиФотографија: Petr Stojanovski

Кон средината на деведесетите Унковски и група ентузијасти се обидоа од трговски магацини да го создат театарскиот проект „Мала Станица“, поставувајќи само една изведба. Но во Македонија не успеваат алтернативините креации, самостојни сценски проекти, што инаку се светски тренд, вели иницијаторот.

„Ние сме научени да твориме под државни јасли, под капата на министерството за култура, па се чини дека „Мала станица“ беше прерано стартуван проект. Културата се задушува зашто сите зависат од парите на власта која сепак сака се да контролира“.

Режисерот Слободан Унковски оценува дека македонската култура беше националниот извозен продукт. Но нејзината вулгаризација дома, молчеливоста на мислителите и уметниците, се резултат на атмосферата на страв.

„Затоа и велам дека Македонија е во некој интелектуален, егзистенцијален и културен хорор.

Ние имаме власт која не признава дека греши, а за 6 години сигурно ги има. Таа не дозволува да се праша зошто, иако тоа е демократско право на секој избирач. Би се радувал кога нашите политичари би имале храброст да признаат каде грешеле, зошто две децении сеуште талкаме по сопствениот политички-економски-државотворен идентитет“, вели професорот Слободан Унковски, кој пред четири децении го започна својот од по славните режисерски врвици низ светот.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски