1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - декларативно во фокусот на германската политика

Силвера Падори-Кленке29 ноември 2012

Германските паралментарци ја поддржуваат Македонија, но пред декемврискиот самит, пропуштена е можноста во прашалникот на социјалдемократите од сојузната влада да се побара поддршка за старт на пристапните преговори!

https://p.dw.com/p/16qda
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонија ја има целосната поддршка од германските парламентарци – вака барем декларативно настапуваат многумина кои се ангажирани во комисиите на Бундестагот што се занимаваат со Западниот Балкан. Практично, меѓутоа,  Македонија како да е на периферијата на интересирањето. Аргумент за ова е „малиот прашалник“ кој пратеничката група на социјалдемократите на 7. овој месец (ноември) го поднесе до владата, а во кој темата беше: Европските перспективи на Западниот Балкан! По воведниот дел, со кус опис на состојбата во земјите, беа поставени 22 конкретни прашања, меѓу кои Македонија е спомената само двапати. И тоа во „пакет“ со Србија и во контекст на барателите на азил. Пропуштена е шансата да се побара конкретна поддршка од германската влада за Македонија на декемврискиот Европски совет. Не зборува ли ова дека  интересот за земјата во клучните моменти затајува?
„Македонија е во фокусот ! Но, проблемот со името е да кажам „голема“ тема, па затоа свесно не сакавме да ја вметнеме во малиот прашалник до  Владата“, вели за ДВ Дитмар Нитан. Го прашавме:  нели социјалдемократите може повеќе да притиснат и да побараат поголема поддршка од Владата за Македонија?
„Тоа секако и го правиме! Кога во комисијата за еворопски прашања дискутираме за Западниот Балкан, се надевам дека мене ме доживувате како еден од оние кои секогаш ја прашува владата што презема да се зголеми притисокот врз Грција, има ли свои идеи како може да се даде поголем замав за изнаоѓање решение  во спорот меѓу Македонија и Грција? Се обидуваме да го зголемиме притисокот и го поздравуваме предлогот на еврокомесарот Филе зашто е добра шанса за решение“, е ставот на Дитмар Нитан.

Крај за „погрешната дипломатија“!

Ута Цапф, пак,  вели дека можеби во „малиот каталог прашања“ за Владата и требало поконкретно  да се најде Македонија. Но, работата е завршена. Може ли сега нешто да се направи?
„Ние можеме во секое време писмено да се обратиме и да прашаме.Меѓутоа, за ова сега не може да има и  дискусија во пленумот на Парламентот, зашто има толку други прашања“, вели за ДВ Ута Цапф
„Сметам дека парламентарците, и посебно социјалдемократите, прават многу да покажат колку е значаен  Западниот Балкан, а Македонија е дел од него“, подвлекува и Јосип Јуратовиќ. Според него интеграцијата на регионот е значајна зашто е гарант за мирот и стабилноста на континентот, но не може да се очекува од парламентарците да направат повеќе од она што го прават, зашто тие се сепак претставници германските избирачи. Јуратовиќ  побара ставање крај на, како ја нарече, „погрешната дипломатија“ која се применува на Балканот, па и во Македонија, и место чекање спас од Унијата, политиката треба да обезбеди економскиот растеж и насочување на инвестициите не во историјата, туку во инфраструктура со што ќе се отворат перспективите за младите.
Инаку, како објаснува, целта на каталогот прашања до Владата била да се добие увид како гледа Владата генерално на проширувањето и како членството на Хрватска  ќе се рефлектира врз регинот. На пример,  конкретен е Јуратовиќ,  вклучувањето во Унијата може да донесе катанец на две-три бродоградилишта во Хрватска, што сигурно ќе се почувствува и во Македонија, зашто скопските производители дури 60 проценти од челикот пласираат токму во хрватските бродоградилишта!

MdB Josip Juratovic
Правиме се’ што можеме! Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: DW
Dietmar Nietan SPD Bundestagsabgeordneter
Ја „притиска“ Владата да се ангажира околу Македонија. Дитмар Нитан (СПД)Фотографија: picture-alliance/dpa