1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија да се врати на колосекот за НАТО и ЕУ

27 септември 2010

Македонија е единствена надеж ноемврискиот самит на НАТО да биде оценет за успешен, рече екс-амбасадорот на САД во Алијансата, Курт Вокер, на дебата во Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/PNY1
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Курт Вокер е еден од експертите кои работат на извештајот за Југоисточна Европа на влијателниот американски тинк тенк и смета дека Македонија мора да биде дел од агендата во Лисабон, затоа што ниту Авганистан ниту односите САД-Русија и САД-ЕУ нема да бидат подигнати на повисоко ниво.

„Можеме да направиме прогрес за името и да ја вратиме Македонија назад на колосекот за членство во НАТО и ЕУ. Со тоа би ја поддржале движечката сила во регионот. Прво што би направил, е да ја ставам Македонија во расправата на НАТО самитот во ноември и многу фокусирано би барал решение на проблемот со името", изјави Вокер, кој на дебатата е поканет како експерт на Центарот за трансатлантски односи на универзитетот „Џон Хопкинс“.

Подгревање на националнистите во двете земји

Спорот за името предизвикува премногу меѓународни и внатрешни компликации, смета Вокер – блокадите и политичките конфликти би можеле дополнително да ги подгреат националистите во двете земји.

„Мислам дека е трагично што едно обично име стана брана за подобра иднина на неколку милиони луѓе. Срамота е што граѓаните на Македонија не се дел од планот за зачленување во НАТО под старото име, како што беше предвидено со спогодбата од 1995 година“, смета поранешниот висок службеник на американскиот Стејт департмент, нагласувајќи дека долгогодишниот спор најмногу штета му нанел на македонскиот народ.

Извештаите на влијателниот Центар за стратегиски и меѓународни истражување од Вашингтон имаат големо влијание во дефинирањето на политиката на актуелната американска администрација кон Југоисточна Европа.

Автор: Горан Момироски

Редактор: Жана Ацеска