1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги празнува Свети Климент и Курбан Бајрам

8 декември 2008

Верниците од православна и мулслиманска вероисповед ги празнуваат Свети Климент и Курбан Бајрам. Двата празника одбележани според традицијата. Во православните храмови со литургија, во џамиите со молитва, сабах-намаз.

https://p.dw.com/p/GBhj
Фотографија: Fotomontage/AP/DW

Православниот верски празник Свети Климент денеска беше одбележан во Скопје и Охрид. Празникот на големиот христијански светител се одбележа со богата програма која започна со Света литургија во Соборниот храм Свети Климент во Скопје. Света литургија и молебен се одржа и во неговиот возобновен црковен храм на Плаошник, во Охрид. Со неа чиноначалвствуваше Архиепископот охридски и македонски господин, господин Стефан. Поглаварот на МПЦ нагласи дека нема попријатно чувство светителот да се празнува на местото каде тој се воздигнал и станал светител. Свети Климент бил првиот македонски архиепископ и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа. Истовремено тој е најзначаен писател и педагог во средновековието. Свети Климент е најпознат продолжувач на делото на Свети Кирил и Методиј и заслужен не само за македонскиот, туку и за останатите христијански народи. На Плаошник во тек се работите за обнова на Универзитетот Свети Климент во кој се образувале над 3500 ученици. Станува збор за првиот Универзитет на Балканот кој бил отворен пред Оксфорд и Сорбона.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche
Литургија на МПЦФотографија: DW

Свети Климент-заштитиник на Охрид

Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа, се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од страдања. Жителите на Охрид сеуште веруваат во неговиот дух. Дури и најмладите го опеваат во песна. Во чест на заштитникот на градот се одржа и свечена академија на која беа доделени награди и повелби. Истовремено беше одбележана и 110-годишнината од постоењето на најстарото охридско основно училиште што го носи името на патронот Свети Климент. Цел век успешна образовна дејност одбележа и истоимената охридска гимназија. На локалитетот Градиште во чест на празникот денеска свечено е отворен Музејот на вода.

Муслиманите го слават Курбан Бајрам

Денеска во Македонија започна прославата и на муслиманскиот верски празник Курбан Бајрам. Тридневната прослава на празникот започна со утринска молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз. Со Курбан Бајрам се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Реис ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, традиционално ја упати својата порака и честитка до муслиманските верници. Тој ги повика верниците да придонесат за зачувување на мирот, среќата и негативните појави. Поглаварот на ИВЗ ги повика верниците да ја сакаат сопствената вера и народ, но притоа да не прават штета и неправда на другите. Човекот е општествено битие и тој може да си ја гради иднината и просперитетот само преку развивање на толеранцијата, се вели во пораката на Реис ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

Gläubige beten in einer Moschee in Brüssel
Молитва на муслимански вернициФотографија: AP