1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија величествено ги пречека спортските херои

19 септември 2011

Предводени од својот „војсководец“, Марин Докузовски македонските кошаркари го завршија походот на Европа. Беа моќни, беа храбри, беа величествени во победите и достоинствени во поразите. Ја кренаа нацијата на нозе.

https://p.dw.com/p/12c0y
Кошаркарите триумфално пристигнаа во татковинатаФотографија: MIA


Скопје во атмосфера недоживеана досега, ги пречека спортските херои! Кошаркарите слетаа  на аеродромот „Александар Велики“, но брзо одново беа кренати во облаците  соочувајќи се со еуфоријата во нивна чест!. Неколку илјади фанови, членови на семејствата на кошаркарите им приредија срдечно добредојде. Цвеќе за милениците предводени од капитенот Перо Антиќ. Аеродромот беше првиот чин од величествениот пречек.

Кулминира  на плоштадот Македонија. Простор на кој секојдневно, додека кошаркарите ја биеја битката за Европа, беа следени и сесрдно поддржувани. Денеска на плоштадот се празнуваше! Среќни, бескрајно среќни, озарени лица, со македонски знамиња закитени, со воодушевеност го поздравија доѓањето на кошаркарите. „Македонија, Македонија“ ....се ореше од илјадници грла. „Едно име имаме, во душата го носиме...“, се креваше до небо најпрепознатливиот навивачки слоган! Скандирање на имињата на кошаркарите... Ансамблот Танец, Калиопи, Гаро Тавитјан...музицираа во нивна чест.

NO FLASH Mazedonien Basketball Nationalmannschaft
Цвеќе за најдобриот стрелец Бо МекејлебФотографија: MIA

Делириум на плоштадот

Делириум со исчекорот на сцената на најпознатите спортски ликови.

Влатко Илиевски со веќе легендарниот свој крик по подвигот над Литванија „Леле , што направивме“ обраќајќи и‘ се на масата придодаде: „Леле, што направивте за нас. Ова не го очекувавме ниту во најубавите сништа.“

Селекторот Марин Докузовски: „Бевме далеку од Вас, слушавме за атмосферата, но не можевме да ја почувствуваме. Синоќа тагувавме поради поразот, поради неосвоениот медал, но кога денеска се вративме гледајќи го сево ова, веќе нема тага. Вие сте нашиот медал. Им благодарам на сите кошаркари, се гордеам со нив, тие направија сега мене да ме почитува  цела Европа.“

Mazedonien Basketball Nationalmannschaft
Тренерот Докузовски срдечно поздравенФотографија: MIA

Капитенот Перо Антиќ : „Оваа атмосфера е одраз на резултатот што го постигнавме. Се сплотија сите градови, во Македонија вакво нешто досега немало. Резултатот е во втор план. Ние атакувавме на медал, по поразот од Русија бевме тажни, ама кога дојдовме поголем медал од ваков пречек, нема!“

Веселба, ракоплескања при поменот на секое кошаркарско име. Овации за Бо Мекејлеб, бескрајно долго скандирање на името на натурализираниот Македонец, кој со толкава страст го носеше македонскиот дрес.

Со огномет, со славенички салви, со поздрави од десетиците и десетици илјади присутни на плоштадот Македонија заврши пречекот на македонските кошаркари, кои ја испишаа најубавата  страница во поновата македонска спортска историја.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска