1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија без млади земјоделци

Милчо Јованоски27 декември 2012

Бројот на земјоделците во Македонија опаѓа. Загрижува податокот дека само 1,2 проценти од нив се млади фармери. Државата се труди да ја подобри состојбата, необработените површини се зголемуваат, а села згаснуваат.

https://p.dw.com/p/179LL
Фотографија: AP

На нивите, во овоштарниците, по шталите речиси и да ги нема младите. Само 24,5 отсто од фармите се во сопственост на земјоделци помлади од 45 години. Државата ги зголемува средствата за субвенции, ама и тоа не е поттик младите да станат современи фармери. Парите од европските фондови како што е ИПАРД програмата поради високите административни процедури им се недостижни.

Стојко Ивановски, 16 години од основањето е дел од Здружението на земјоделски производители од Куманово и вели: „Младите кон земјоделството единствено можат да се привлечат преку обуки. Доста е од вербална поддршка, така нема ништо да сториме“. Но, тоа ни оддалеку не е доволно вели Ивановски. Полето во Куманово кое некогаш беше едно од најобработуваните сега стои речиси неизорано. Всушност сликата е насекаде иста.

Статистичките податоци покажуваат дека во изминатите 20 години земјоделската површина од 1,3 милион хектари се намалила на 1,1 милион хектари. Обработливата површина, пак, од 600.000 се намалила на 500.000 хектари. Има намалување и на сточниот фонд, особено во овчарството, каде што од два милиони овци по 20 години има само 800.000. Намалени се и лозарско-овошните насади.

Младите од Прилеп не сакаат да одгледуваат тутун

Mazedonien Land und Leute Tabak aus Mazedonien Prilep Flash-Galerie
Фотографија: Petr Stojanovski

Тутутнот за Прилеп некогаш беше благодет, сега не е така. Моника Велеска, претседател на Сојузот на здруженија на фармери „Агрооператива“ признава: „Најпоразителна е состојбата кај тутутнот. Мачна, а не исплатлива работа е. И тука младите веднаш велат - ама за што да работам за некого. Побрзо би работел некаде во странство, отколку да сади тутун“.

„Агрооператива“ е ново здружение едно од многуте асоцијации на земјоделци и воопшто фармери. Прва задача им е да направат мрежа од здруженија и преку нив да ги соберат младите и да поттикнат дел од нив да останат во аграрот.

Бобан Милошевски од Старо Нагоричане е еден од ретките којшто следи обуки со цел да стане современ земјоделец. „Сите бегаат во град. Земјоделието во кумановоско го раководат лица постари од 40 години. Млади земјоделци нема, дури и на обуките не се пријавуваат.“

Boban Milosevski
Бобан МилошевскиФотографија: DW

Селата изумираат, земјоделството уште не е конкурентно на пазарот, инфраструктурата во руралните средини е лоша, младите заминаа одамна, се намалува бројот на земјоделците, вели Менде Трајковски од Битола магистер по земјоделски науки и пчелар. „Едноставно лошо ни се пишува со оваа сегашна политика во аграрот. Би рекол се залажуваме со субвенциите што се даваат. Почнаа во 2006 година, а не може да се види напредок во некоја гранка. Тоа можеби доаѓа како социјална помош на ова наше сиромашно население.

Профил на идните млади земјоделци

Младите кои ги контактираше ДВ, а не сакаа пред микрофон рекоа: „Не се срамиме, ниту сме мрзeливи. - Земјоделството овде е неисплатливо. - Џабе не би сакале да работиме.“ Младите ќе завршат средно или земјоделски факултет и ќе фатат друга насока во животот.

Експертите порачуваат власта да не прави само козметички зафати во земјоделството. Реформите да се прават со реални стратегии кои одговараат на Македонија и законите да се носат во содејство со практичари од нивите и шталите, а не во кабинетите. „Едуциран земјоделец. Пред се’ е едукацијата. Независно за која гранка би се одлучил, сепак треба да е едуциран. Поткован теоретски и подоцна практично ќе се обучи.“ Така сега би требало да изгледа младиот македонски земјоделец, вели магистер Трајковски.