1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонец на чело на успешна германска фирма од Мајнц

10 јуни 2009

Мирче Филиповски е прв човек на фирмата „СПП директ“, „ќерка“ на холдингот „Мира“, со над 200 вработени лица. Лани фирмата доби признание од Мајнц и преку изнајмување специјалисти оствари обрт од 5,2 милиони евра.

https://p.dw.com/p/I3RN
Мирче ФилиповскиФотографија: Filipovski

На работното место е во строг деловен костум. Во слободното време-лежерно, со фудбалски дрес и патики. Професионален или народски, непосреден. Ова се само двете страни на еден од најуспешните Македонци во Германија, Мирче Филиповски, кој живее за фирмата и семејството, но наоѓа време и за фудбалот и за црковната општина. Задоволен е што неговата фирма „СПП директ“ од Мајнц обезбедува егзистенција за 200 луѓе. Мирче кратко ја кажува својата приказна:

"Во седумдесетите години моите родители дошле во Германија. На печалба, како и многу други Македонци. Роден сум во 1977 година во Мајнц. Таму завршив гимназија, студии по економија. Потоа се вработив во трговијата, па специјализирав за персонал...“

Ваквата специјализација и го доведе до целта: да формира фирма која посредува и вработува работници со различни квалификации.

Фирма со различни профили вработени

"Фирмата ’СПП директ ’вработува работници од сите струки: адвокати, инженери, медицинари, градежници, нив понатаму ги ’изнајмуваме’. Тоа се работници кои се вработени кај нас, од нас добиваат плата секој месец. Наша задача е понатаму да им најдеме работа на друго место, па да работат таму. Соработуваме со големи фирми како ’Панасоник’, ’БМВ’, со ’Опел’“, вели Филиповски, кој објаснува и зошто постои големо интересирање за преземање на ваквите кадри:

"Предностите за фирмите се многу едноставни за објаснување. Во Германија има многу комплицирани закони за вработувања. Не е едноставно да се вработи некој , а доколку снема работа, по кратко време и да се отпушти. Доколку некој добие отказ, следуваат тужби, барања за отштета и сл. Предностите на нашиот ангажмен се тие што фирмите можат за одредено време, колку што им треба, кај нас да нарачаат одреден профил работници. На пример, секретарката на некој директор е четири недели на боледување. Нова секретарка за тоа време нема шанса да се вработи. Затоа се јавуваат кај нас. Ние имаме 30 секретарки на располагање, кои ’ускокнуваат’ по потреба.“

Bürokaufleute
Вработени од повеќе областиФотографија: DW

Зголемување на обртот

Мирче во шега забележува дека „СПП директ“ не е каритативна организација, дека работи за профит:

"Во 2008 го зголемивме обртот за 20 проценти и достигна над 5,2 милиони евра. Заработката е едноставна. Ние не заработуваме многу на еден работник, туку на тоа што ги имаме многу. Гарантираме секому фиксна плата, а му пресметуваме на час на нашиот муштерија, кој го презема работникот. Тука се прави мала разлика во цената по вработен, но бидејќи имаме над 200 вработени - се исплатува.“

На интернет порталот на фирмата дневно се пријавуваат и до 300 лица. Изборот е комплициран. По двете интервјуа, следат проверки и разговори со претпоставените од претходното работно место на кандидатот, за да се види дали навистиан е сериозен и добар работник, зашто според Филиповски, клиентите мора да знаат за што плаќаат.

"Во ова кризно време се бараат стручњаци, молери, еклектричари, бравари, зашто Германија, во криза или не, има проблем со добрите мајстори. Но, се бараат и административни работници, секретари, книговодители и дури и менаџери“, коментира Мирче Филиповски, кој додава дека во моментов преку неговата фирма се испратени работници во Кина и Перу.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска