Мажите навистина подобро паркираат од жените
17 декември 2010Студијата на екипата научници од Рурскиот универзитет покажа дека жените возачи паралелно паркираат за минута и пол, а на мажите им требаат 42 секунди помалку и уште за три насто се попрецизни. Во студијата учествувале 17 возачи почетници од двата пола и 48 возрасни, искусни мажи и жени возачи. Им било кажано да паркираат на различни начини, под агол, кон напред и паралелно.
Научниците не се изненадени што почетниците од двата пола биле полоши од искусните возачи, но мажите во двете категории биле подобри од жените, откриле психолозите. Германските научници ги заинтересирале психолошките импликации на тестот за паркирање. Заклучиле дека биолошките фактори се важни, но дека се важни и општествено условените вродени улоги.
Важна е самодовербата
Студијата потврдува дека мажите имаат подобра координација на рацете и очите и просторна снаодливост. Мажите подобро ја оценуваат моментната положба на возилото во однос на паркираните автомобили, како и тоа што ќе се случи кога ќе го свртат воланот и ќе притиснат гас, вели раководителот на студијата, Онур Гунтуркун.
Важна улога игра и самодовербата зад воланот, како и вродената социјализација. Жените возачи имаат помалку самодоверба. Мажите возачи на тешкото паркирање гледаат како на можност да ја покажат својата вештина, а жените возачи на истата состојба и´ приоѓаат со страв и ја гледаат како нешто што би било подобро да го избегнат, вели Клаудија Ц. Волф, втор раководител на студијата. Таа затоа на жените им советува на паркиарњето да гледаат како на предизвик, а да ги отфрлат стравот и сомнежот. Кога повеќепати ќе успеат, ќе стекнат и самодоверба.
Автор: СБ/ГЧ/ДВ/ФЕНА
Редактор: Горан Чутаноски