1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луѓето со часови чекаат за да му оддадат почит на Папата

5 април 2005

Верниците се простуваат од починатиот Папа: стотици илјади Италијанци и странци од синоќа во километарски долга поворка се слеваат кон базиликата Свети Петар во Рим, каде се изложени посмртните останки на Јован Павле Втори. Кардиналите денеска се состануваат по втор пат по неговата смрт за да решат кога ќе започне постапката за избор на нов Папа. Најавеното присуство на околу 200 шефови на држави или на вла

https://p.dw.com/p/AcGI
Колоната луѓе пред влезот во базиликата Свети Петар во Рим, каде се изложени посмртните останки на Папата
Колоната луѓе пред влезот во базиликата Свети Петар во Рим, каде се изложени посмртните останки на ПапатаФотографија: AP

�и од целиот свет и околу два милиона верници и намерници погребот на Јован Павле Втори бара посебни подготовки и вонредни мерки за безбедност.

300 до 400 илјади луѓе, според проценки на полицијата синоќа чекаа во километарски долга колона во еден коридор долж плоштадот пред базиликата Свети Петар и приодната улица, за да му оддадат почит на починатиот Папа Јован Павле Втори. „Едноставно, има премногу луѓе, ги има неверојатно многу!“, „Колоната е предолга“,

„Ова е невозможно. Ги има стотици илјади“ – коментираа луѓето со вчудовидување.

Поворката крај одарот започна околу 21 часот и во трите дена, колку што ќе трае, ќе биде прекинувана само помеѓу 2 и 5 часот изутрина. Некои луѓе во неа вчера чекаа и до 11 часа за да се поклонат крај одарот на Папата. „Си помислив: светиот отец помина многу километри, па можеме и ние малку да се стрпиме“ – вели една жена од колоната. „Едноставно е трогателно, пред се’ ако си католик чувствуваш навистина нешто посебно“ – раскажува друг. „Снемоштев среде плоштадот. Но, лекарите беа многу љубезни и кога ми рекоа дека со мене е се’ в ред, веднаш повторно се вратив во колоната, зашто не сакав ништо да пропуштам“ – вели на англиски жена очигледно дојдена од странство, која не беше и единствената на која и’ беше укажана помош: регистрирани беа речиси 300 интервенции. Зад колонадите на плоштадот Свети Петар се подигнати санитетски шатори. „Започнавме завчера вечер во 20 часот па до 8 наредното утро, потоа малку дремнавме и од 14 часот повторно сме во акција“ – вели веќе исцрпениот медицинар од Неапол. Помошници од службите за заштита при катастрофи ги снабдуваа луѓето со вода за пиење.

Вчера попладнето посмртните останки на Јован Павле Втори, положени врз носилка обложена со црвен сомот, беа пренесени од Апостолската палата во базиликата Свети Петар, се изложени за да можат од него да се простат верниците од целиот свет. Погребната церемонија, како што беше објавено вчера, ќе се одржи в петок во 10 часот, а се очекува присуство на околу 200 шефови на држави или на влади од целиот свет. Меѓу нив ќе бидат и германскиот сојузен претседател Хорст Келер и канцеларот Герхард Шредер. Американската делегација ќе ја предводи претседателот Џорџ Буш. Меѓу гостите ќе биде и генералниот секретар на ОН Кофи Анан. Од кабинетот на македонскиот претседател е соопштено дека и Бранко Црвенковски в петок ќе присуствува на погребот на Јован Павле Втори. Во рамките на мерките за безбедност што се преземаат, од НАТО е соопштено дека авиони авакс со радарски уреди ќе го надгледуваат воздушниот простор над Рим за време на погребната церемонија.

„Мисата ќе ја одржат кардиналите предводени од кардиналскиот декан Јозеф Рацингер“ – информира вчера во Рим портпаролот на Ватикан Хоакин Наваро-Валс. Јован Павле Втори ќе биде погребан во криптата на базиликата Свети Петар, можеби во некогашниот гроб на Папата Џовани 23-ти. Засега се’ уште не е утврден термин за почеток на конклавата, конференција на кардиналите за избор на нов Папа. Денеска е во тек втората средба на кардиналите по смртта на Папата. Според некои информации од Рим, тие би требало да решат кога ќе започне конклавата.

Во меѓувреме во Рим пристигнуваат се’ повеќе верници – само вчера со 200 автобуси и 30 вонредни возови, а за денеска се планирани 43 вонредни возови. Градот планира масовни сместувалишта – на работ од Рим се прави огромен камп за до 200 илјади млади луѓе. Градот подготвува и 10 големи паркинг-плацови за автобуси - се очекуваат по 4 илјади дневно. Градоначалникот на Рим ги замоли граѓаните и приватно да ги прифатат гостите. Воопшто, за италијанските власти главен проблем е огромната маса луѓе – се очекуваат до два милиона. „Не знаеме колку верници навистина доаѓаат, па мораме да бидеме флексибилни. Но, во тоа ние Италијанците сме прилично добри“ – самоуверено вели Гидо Бертолазо, шеф на службата за цивилна заштита и специјален комесар на владата за погребните свечености.