Луксембург - последна шанса за илегалците
28 февруари 2013Чистење во луксембуршко домаќинство. Данка тука чисти десет часа во неделата - илегално. Србинката од Косово од пред три години е во Луксембург без виза за престој и нема работна дозвола.
„Јас кога одам да се прошетам, да излезам во град, не се чувствувам добро. Не излегувам често. Се’ си мислам дека некој ме гледа, дека ме следи. Постојано сум под стрес“, вели Данка, Србинка од Косово.
И жената кај која работи Данка исто така се плаши да не биде откриена. Александра е Луксембуржанка и е пријателка со Србинката. Таа го крши законот со тоа што ја ангажирала Данка како домашна помошничка, и во Луксембург во тој поглед ни оддалеку не е исклучок.
„Многумина од чистачите, но и во хотелите и рестораните во Луксембург, се нелегално ангажирани. Тие сочинуваат еден многу голем дел од нашата економија и придонесуваат за благодетот на нашето општество“, вели луксембуршкиот работодавец Александра.
Илегалните мигранти се евтин економски фактор во богатото Големо Војводство. Плаќање минималецот од речиси 1.900 евра месечно за многумина е едноставно премногу.
Но, директива на ЕУ ја присили земјата сега поостро да постапува против илегалната работа. Владата им даде можност на мигрантите без дозвола за работа да се пријават, заедно со шефот, до крајот на февруари. Под одредени околности тие ќе можат да добијат дозвола за престој.
„Всушност им се дава шанса на претприемачите да воспостават легалитет, со тоа што на луѓето кои таму илегално работат ќе им дадат нормален договор за работа, со нормални социјални услови“, објасну луксембуршкиот министер за труд и имиграција Николас Шмид.
Работникот мора најмалку девет месеци да работи во Луксембург, да заработува минимална плата и неделно да биде ангажиран 40 часа. Пречката е толку висока што многумина не сакаат да се откријат - и илегалци и работодавачи.
Во независната организација „Помош за имигрантите - АСТИ“ се спроведува советување. Александра и нејзината српска куќна помошничка сакаат да ја искористат шансата, но проблем се 40-те работни часа.
Александра може легално да и’ плаќа само десет часа, па затоа мора и друг работодавач да ја пријави Данка кај властите. Тешко, но таа сака да се обиде.
„Нека видат дека не правам никаков проблем. Не крадам, не лажам. Сакам да бидам свој човек, се’ да биде нормално и да немам проблеми“, објаснува Србинката Данка.
„Забележуваме дека многу посигурни се оние луѓе во чии случаи работодавачите соработуваат, односно работодавачот се јавува тука и се обидува ова да го доведе во ред. Луѓето кои работат кај работодавачи кои на ова прашање гледаат со скепса, или воопшто немаат желба да ја легализираат нивната работа, имаат многу голем страв“, вели Лаура Цуколи од добротворната организација АСТИ.
Стравот е основан. Само оној кој ќе ги донесе сите потврди, ќе може да се надева на дозвола за престој. Во спротивно, се закануваат остри казни. Во тој случај Данка би морала да се врати на Косово, а нејзината работодавачка да оди до една година во затвор.
Данкa може да биде една од малкуте кои се извлекле од илегалноста, оти за многу луксембуршки работодавачи и во иднина ќе е прескапо легално да вработуваат работници.