1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лубанга пред лицето на правдата

Лудгер Кажмиерчак26 јануари 2009

Пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг денеска започнува судскиот процес против Томас Лубанга. Поранешниот лидер на бунтовниците во Конго е обвинет за регрутирање на деца во борбите во оваа земја.

https://p.dw.com/p/GfwC
Томас Лубанга пред Меѓународниот кривичен судФотографија: AP

Главниот обвинител на трибуналот во Хаг, Луис Морено Окампо, смета дека почетокот на судењето на Томас Лубанга е историски ден. Тој нагласува дека за повеќето луѓе во Европа можеби Лубанга не е важна личност, но за народот Итури, кои од него многу патеа, тоа е многу значајно. Лубанга е обвинет дека во периодот меѓу јули 2002 и декември 2003 година, како лидер на Унијата на конгоанските патриоти, бунтовничка група од племето Хема, регрутирал деца војници и ги испраќал во крвава војна. Главниот обвинител Фатоу Бенсуда, кој ќе ја води постапката против Лубанга, смета дека децата систематски биле злоупотребувани. Ова е прв пат еден меѓународен кривичен суд да води ваков процес.

Да се прошири обвинувањето

Некои жени и дел од организациите за заштита на човековите права критикуваат дека Лубанга не одговара и за други дела. Тие сметаат дека тој мора да одговара на пример и за сексуално злоставување на жените. Нивните аргументи се дека во граѓанската војна загинале десет илјади луѓе, а стотици илјади биле протерани. Меѓутоа обвинителите сега сакаат само едно: да биде донесена брза пресуда. Затоа, како што објаснува Луис Морено Окампо, случајот се води само за она за што постојат докази. Обвинителството располага со видео фрагменти кои покажуваат како Лубанга на едно дете во камп за обука му дава инструкции. Окампо смета дека обвинителствиото има силен доказ. За своите искуства сведочеле и осум деца. Најголем дел од нив биле киднапирани, а останатите се пријавиле доброволно. На обвинителите тие им опишувале колку е шокирачко чувството некого да го застрелаш и да го убиеш. Според Окампо, многу е важно да се разбере, дека ваквите злосторства ги уништиле децата.

Niederlande UN-Gerichtshof Luis Moreno-Ocampo zu Sudan Darfur
Луис Морено ОкампоФотографија: AP

Обвинителите тврдат дека Лубанга свесно барал деца под 15 годишна возраст бидејќи лесно можел со нив да манипулира. Обвинетиот 48 годишен Лубанга во подготвителниот дел на процесот тврдеше дека е невин. Тој се бранеше дека како политичар во ниту еден период немал какво било влијание врз постапките на паравоените единици.