1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон потресен од терористички напади

7 јули 2005

Според досегашните податоци цел на најверојатните терористички напади беа шест станици на подземната железница и еден автобус. Податоците околу жртвите и повредените се менуваат од миг во миг.

https://p.dw.com/p/AcEA
Расел сквер - остатоци од автобусот кренат во воздух
Расел сквер - остатоци од автобусот кренат во воздухФотографија: AP

Серијата од седум експлозии, според податоците на Скотланд јард, почна утринава во 8 часот и 49 минути по британско време во лондонското метро кај станицата Олдгејт Ист, во близина на финансискиот центар на градот. При тоа две лица го загубија животот. Втората експлозија била на станицата Еџвеар Роуд во западниот дел на главниот град. Веднаш по првичните информации целиот сообраќај во подземната железница беше апсолутно прекинат, а сите станици блокирани. Лицата кои се затекнаа во метрото, кое инаку дневно префрла преку 3 милиони патници низ различните делови на мегаполисот, постепено беа евакуирани. Спасувачките екипи се размилеа низ загрозените квартови и почнаа да ги извлекуваат повредените и жртвите.

„Имаше силна експлозија и метрото застана. Луѓето почнаа да врескаат и да плачат додека во вагонот навлегуваше густ чад„ -изјави по излегувањето од метрото 22-годишниот Араш Казеруни, кој се најде во станицата на местото на првата експлозија.

Само неколку минути по првите експлозии во метрото, во воздух беше кренат и еден градски автобус кај плоштадот Расел. Томас Ханзен, германски студент во Лондон, по случај се најде во еден автобус токму зад оној кој беше цел на напад:

„Целиот автобус, односно целиот горен дел на автобусот, бидејќи станува за даблдекер, автобус на два спрата, беше комплетно разнесен. И куќата покрај него, како и оближните автомобили беа оштетени. Тоа беше страшна слика, на секаде луѓе што врескаат, трчаат крвави и комплетно во паника!„

Во меѓувреме британската полиција најде траги на експлозив барем на едно од местата, а шефот на Скотланд Јард, Јан Блер, посочи оти очигледно станува збор за координирана акција. Министерот за внатрешни работи, Чарл Кларк, во првичната изјава рече:

„Што се однесува до полицијата, таа е под оперативна команда и се справува со ситуацијата во склад со пропишаните процедури и тоа на многу професионално ниво. И спасувачките екипи се на теренот и ги згрижуваат повредените. Во име на владата сакам да им изразам сочувство на сите семејства и пријатели на повредените.„

Подоцна во изјавата пред британскиот парламент, надлежниот министер Кларк посочи:

„До сега не знаеме кој или кои организации се виновни за овие криминални и одвратни чинови. Нашата одговорност во мигов е да ги заштитиме прво луѓето!„

Информациите за бројот на повредените и понатаму се менуваат од миг во миг. Едни извори тврдат дека има 97 повредени, од кои 10-мина потешко и уште 7-мина кои се наоѓаат во животна опасност. Други тврдат дека тоа е биланс само од една од болниците во Лондон, онаа во западниот дел, а дека вкупниот број повредени е уште поголем. Сите болници во престолнината се во состојба на највисок аларм и прифаќаат само лица повредени во нападите.