Лондон и Кито повторно ќе разговараат за судбината на Асанж
25 август 2012Во телевизиско обраќање еквадорскиот претседател Рафаел Кореа најави продолжување на дипломатскиот дијалог со Велика Британија. Лондон преку официјална нота дал гаранции дека ќе го почитува имунитетот на еквадорската амбасада во британскиот главен град. Тоа претставува добредојдена појдовна точка за нови разговори со Лондон и со Стокхолм околу наоѓање решение во случајот Асанж. Кореа додаде дека Еквадор во иднина никогаш повеќе нема да моли некого за дозвола за задржување на неговата сувереност и дека и натаму ќе ги брани човековите права на секого кој ќе замоли за тоа“.
Неколку часа претходно еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патињо на седницата на Организацијата на американските држави, ОАС, свикана по барање на неговата земја, побара официјално извинување од Велика Британија поради заканите за насилно влегување во еквадорската амбасада. Британскиот амбасадор во ОАС, Филип Бартон тврдеше дека Велика Британија „во ниеден момент не ја загрозила“ еквадорската амбасада.
Организацијата на американските држави во заедничко соопштение побара двете страни да го продолжат дијалогот. Истовремено, ОАС се изјасни против „секаков обид кој ќе предизвика загрозување на имунитетот на дипломатско претставништво“. Во овој контекст ОАС се солидаризираше и го поддржа Еквадор, се вели во соопштението, усвоено со консензус, и покрај воздржаноста на САД и Канада.
Еквадор, меѓутоа, не успеа да ја протне во соопштението и бараната осуда на Велика Британија. САД во посебна фуснота ја искажаа својата воздржаност во однос на реченицата според која меѓународните закони имаат предност над националните.
Асанж повеќе од два месеца се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон со цел да избегне израчување во Шведска. Таму треба да одговара за силување и сексуално злоставување. Шведските власти инсистираат на испрашување на Асанж на нивна територија. Асанж пак, стравува дека зад тоа се крие негово можно испорачување во САД, каде е можно да му се суди и да добие смртна казна поради објавувањето на американски тајни документи на интернет порталот Викиликс во врска со војната во Ирак и во Авганистан. САД досега немаат испратено барање за апсење на Асанж.