Лов на затајувачите на данок
23 септември 2012Адвокатите имаат полни раце работа, треба да помогнат во легализација на скриените пари. Од 2008 за неплатен данок сами се пријавиле 10 илјади Германци.
„Ние сме само луѓе, а голема улога игра и стравот. Страв од откривање, но улога има и мотивација преку советувањата, преку банките. Најголем ефект сепак има стравот, а не согледувањето на неправда“, вели адвокатот Ролф Шведхелм, експерт за даночни прашања.
Германската управа за приходи сака да дојде до црните конта во Швајцарија. Во септември 2011 министерот за финансии Шојбле заедно со својот швајцарски колега го претстави договорот за данок. Во основа, се работи за оданочување на германските црни пари во Швајцарија, но анонимно и неказниво.
Еден човек упорно го отфрла договорот и наново го разгорува конфликтот со Швајцарија - Валтер Борјанс. Неговите служби купија четири цедиња со имињата на германски „даночни грешници“ во Швајцарија. Во тек е истрагата. За покраинскиот министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија договорот е неправеден, зашто даночното затајување останува неказнето.
„Големото даночно затајување на данок на приход, на додадена вредност, на наследство, во иднина ќе исчезне зад анонимноста и дури треба да се стави забелешката - не треба веќе да размислувате околу контрола. Тоа е како покана. Може вака да се спореди-на автобусите и трамваите да се обеси голема табла-не постојат веќе контроли“, вели Норберт Валтер Борјанс, министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија.
Швајцарија со децении е омилено место за одмор на Германците. Тие ја сакаат природата и планините и вредно носат пари во Швајцарија. Но, тие не течат само во туризмот, туку пред се‘ во банките. За алпската република германските пари се еден од најважните приходи. Германскиот даночен синдикат проценува дека во трезорите се депонирани нелегално богатство во вредност од 150 милијарди евра. Германските даночни служби велат дека е тоа организирано затајување данок. Швајцарија сака да се ослободи од овој имиџ преку договорот. Затоа швајцарската амбасада реагира со закана на купувањето цедиња со податоци.
„Сега постои договор, и ако сега тој не се почитува, тогаш ќе дојде до таква политичка ситуација во Швајцарија, при која нам ќе ни биде многу тешко да најдеме какво било заедничко решение со Германија, како ова што веќе го постигнавме. Значи, ако ситуацијата во Германија ескалира, ќе постои паралелен развој и во Швајцарија, што во иднина ваквите чекори нема да ги направи лесни“, вели Тим Гулдиман, амбасадор на Швајцарија во Германија.
Германското министерство за финансии цврсто останува на договорот. Сега одлуката лежи во рацете на Швајцарците и на германскиот Бундесрат. Тука швајцарската амбасада и кабинетот на канцеларката се беспомошни.