1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лобирање за Керим

Валентин Николовски19 септември 2006

Македонската делегација предводена од претседателот, Бранко Црвенковски, во која учествува и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, пристигна во Њујорк каде ќе учествува во работата на 61-то Генерално собрание на ОН. Лобирање за кандидатурата на Срѓан Керим за претседател на Генералното собрание на ОН во периодот 2007/2008 година ќе биде една од активниостите на македонскиот тим.

https://p.dw.com/p/AdcF
Симболот на ОН
Симболот на ОНФотографија: AP

Шефот на македонската мисија во Њујорк, амбасадорот Игор Џундев, веќе го подготвил писмото, кое циркуларно ќе биде испратено до земјите од Источна Европа, од кои ќе се бара поддршката за кандидатурата на Македонија и на Срѓан Керим за претседавање со Генералното собрание. Лобирањето за Керим и за Македонија ќе се заснова на неколку главни атрибути. Според македонското министерство за надворешни работи, Керим е докажан како поранешен министер за надворешни работи и поранешен амбасадор во ОН, но воедно е и личност која може да ја добие поддршката кај источно-европските земји, од каде треба да се даде новиот претседател на Генералното собрание. Македонија со џентлменски договор во 2002 година го отстапи местото на чешкиот кандидат, па и сега очекува да се однесуваат кон неја на идентичен начин. Првиот позитивен одговор за Керим се очекува кон крајот на годинава или почетокот на идната година, а изборот ќе се врши на 27 јули 2007 година. За денеска се најавени повеќе дипломатски активности на претседателот Црвенковски и министерот Милошоски. Црвенковски, заедно со други 24 претседатели, ќе учествува на тркалезната маса, организирана од американскиот претседател, Џорџ Буш, на која ќе се дебатира за улогата на невладиниот сектор во промоцијата на глобалната демократија, како и присуство на традиционалниот ручек, што за шефовите на делегациите го приредува генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, како и приемот кај американскиот претседател, Џорџ Буш. На агендата и на претседателот и на шефот на дипломатијата на Македонија се повеќе билатерални средби.