1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лихтенштајн – даночна оаза во Европа

19 февруари 2008

Во центарот на Европа се наоѓа малото војводство Лихтенштајн. За богатите и оние што сакаат да избегнат плаќање данок, Лихтенштајн е даночна оаза. Но, за државите негови соседи, скапа грижа

https://p.dw.com/p/D9fO
Сите патишта на даночните бегалци водат кон главниот град на Лихтенштајн, ВадузФотографија: AP

Неодамна се појави нова интернет адреса: Лихтенштајн.(точка)ЕУ. Државата џуџе на тој начин го демонстрира својот интерес за Европската унија. Тоа воопшто не е чудно, зашто Лихтенштајн се наоѓа во епицентарот на Европа. Повеќе од една третина од вкупно 34-те илјади жители се странци, а половината од нив од државите на Европската унија. И бидејќи европското законодавство веќе денес делумно важи и во војводството, Лихтенштајн учествува и во европските проекти, на пример во образованието и науката. А, сепак, формално членство во Европската унија таму воопшто не е тема. Притоа, војводството малку се задскрива зад нешто поголемиот сосед. И Швајцарците засега не сакаат да се зачленат. А, бидејќи Лихтенштајн има царинска и монетарна унија со Швајцарија, и за џуџето такво нешто не доаѓа предвид. Сепак, Европската унија не жали напори да врши притисок врз даночниот рај. Зашто сите напори на Брисел да спречи бегство на даночните обврзници, пропаѓаат токму поради привлечноста на даночната оаза која не обезбедува ниту службена помош. Напротив: кога прд неколку години Луксембург, Белгија и Австрија обезбедија специјални привилегии за да ги заштитат банкарските тајни, кон тоа се приклучија и Швајцарија и Лихтенштајн, страхувајќи дека во спротивен случај карваните даночни бегалци ќе ги заобиколат. Војводата на Лихтенштајн Ханс Адам во едно радио-интервју во почетокот на годинава, сепак призна дека не може да го игнорира притисокот од САД и Европската унија:

„Прашањето на даночното право има приоритет, бидејќи притисокот од странство е голем. Ќе мораме да размислиме за нов даночен систем„.

Меѓутоа, претседателот на сојузот на банките во Лихтенштајн, Михаел Лаубер прави мошне јасна разлика. Прво, банкарските тајни мораат да останат недопрени. При избегнувањето даноци војводството не дава никаква службена помош, зашто во Лихтенштајн тоа не се третира како деликт. Но, се би можело да се промени ако Лихтенштајн и Швајцарија пристапат кон Шенгенскиот договор што се смета за завршена работа. Даночните измами таму се третираат како прекршок и во тој случај обете ќе мораат да извршат промени во законодавството. Тогаш даночните бегалци, барем во Европа, нема да имаат засолниште.