1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Литературата за деца - на маргините

Антоанела Димитриевска27 октомври 2012

Освен афирмираните од постарата генерација, во Македонија со години и да нема нови млади автори кои творат за деца. Иако во последните години многу се преведува, малку од нив се светски бетселери и други книги за деца.

https://p.dw.com/p/16Y66
Фотографија: dapd

Во Македонија литературата за деца со години е оставена на маргините на општеството. 61- годишниот Горјан Петрески кој е последниот и „најмладиот‘‘ од генерацијата која со години твори книги за деца и еден од уредниците на книги за деца во „Детска Радост‘‘ при „Просветно дело‘‘, за ДВ потенцира:

„Треба сериозно да и‘ се пристапува на литературата за деца, за и понатаму да имаме читатели и автори. Да потсетам, читателите се создаваат во најраната возраст, а најмладите се многу побројна и поблагородна публика од возрасната‘‘.

Издавачката куќа „Феникс‘‘ е една од четирите издавачки куќи во Македонија која издава книги за најмладите. „Феникс‘‘ ги има издадено од печат книгите за деца на писателите Велко Неделковски, Спиро Донев, Ванчо Полазаревски, Билјана Станковска,Тоде Илиев, Христо Петрески и други. Писателот за деца и директор на „Феникс‘‘ Христо Петрески потенцира: „Далеку од тоа дека можеме да бидеме задоволни со состојбата со литературата за деца. Со години наназад нема нови - млади автори и што е најважно нема популаризација и критика на литературата за деца и млади која е во сенка на литературата за возрасни‘‘.

Книгите за деца мора да бидат многу искрени, дидактични со различни сфери и аспекти на творење. Не е така едноставно и наивно творењето за деца, па затоа и многу од афирмираните писатели за возрасни не се одлучуваат да напишат книга за најмладите читатели, кои се многу критична и сериозна публика.

Igor Krajcev Schriftsteller aus Mazedonien
Игор КрајчевФотографија: DW

„Има постара генерација на писатели, кои со години творат проза и поезија за најмладите, а пред се‘ од искрена љубов кон децата. За жал морам да констатирам дека во Македонија со години нема нови, млади автори кои творат ваква литература‘‘, потенцира за ДВ Игор Крајчев, писател и член на Организациониот одбор на традиционалните Детски Рацинови средби, литературна манифестација во Велес, која 45 години со посета на писатели за деца меѓу основците во училиштата ја популаризира литературата за деца и воедно и нив ги поттикнува на творештво.

Македонските издавачи со недоволни преводи на странска литература за деца

„Просветно дело‘‘ во чиј склоп е „Детска радост‘‘ како и „Феникс‘‘ „Топер‘‘ и најновата „Вермилион‘‘ се издавачките куќи кои преведуваат и печатат странски книги и бетселери за деца на македонски јазик. Иако во последните години ги има се‘ повеќе и на најмладите читатели во Македонија им се достапни и најновите светски литературни хитови и бетселери, тоа сепак не е доволно. Од издавачката куќа „Феникс‘‘ потенцираат:

„Надлежното Министерство за култура во последниве години издвојува многу средства за преводи на странски книги за возрасни. Иако и нам ни дава средства, во иднина треба да издвојува многу повеќе и за преводи на странска детска литература и бетселери, а кои се се‘ побарани од најмладата читателска публика во Македонија‘‘.

Mazedonien Kinderbuch
Фотографија: DW

Посебност на книгите за деца

Книгите за деца се разликуваат од книгите за возрасни, бидејќи покрај естетската имаат и дополнителна едукативна вредност. Децата од нив учат за светот околу себе и за своето место во тој свет.

Затоа кај литература за деца треба да се внимава што и како се преведува, а и да има преводи од повеќе светски јазици. Не е доволно издавачите да се водат само од комерцијални цели, туку и на пораките кои се пренесуваат со книгите. М-р Марија Тодорова, една од најдобрите македонски преведувачи и истражувачи на литературата за деца за ДВ појаснува: „Многу често преведувањето на литература за деца се перципира како поедноставна активност, отколку преводите на литературата за возрасни и не и‘ се дава потребното внимание. Често овие преводи, а посебно на сликовниците, се многу лоши. Тоа е многу загрижувачки кога знаеме дека децата преку книгите го учат мајчиниот јазик и неговата правилна употреба‘‘. Таа констатира: „За разлика од светските трендови, каде проучувањето на литературата за деца како научна дисциплина е во развој, во Македонија се‘уште нема посебна студиска група посветена на оваа интердисциплинарна наука‘‘.