Линдзи Вон постигна „хет-трик“
11 јануари 2010Затишјето на фудбалските терени во Германија љубителите на спортот го надополнуваат со зимските спортови. Во Оберхоф, викендов се одржаа трки во Нордиско скијање во рамки на Светскиот куп. Легендарниот Норвежанец Оле Ајнар Бјорндален и Германката Андреа Хенкел однесоа победи во бијатлон.
Во австрискиот Топлиц се одржаа скијачки скокови на кои победи домашниот натпреварувач Грегор Шлиренцауер со скокови од 203,5 и 205 метри, пред Словенецот Роберт Крањец и Финецот Хари Оли. Со победата Шлиренцауер го задржа водечкото место во генералниот пласман, пред олимпискиот првак Симон Аман.
Алпските дисциплини беа актуелни во швајцарскиот Аделбоден, каде Французинот Жилиен Лизеро триумфираше на слалом патеката, пред Австриецот Марсел Хиршер и Хрватот Ивица Костелиќ. Лизеро по првата трка го освои дури 12-то место, со повеќе од една секунда заостанување, но имаше одлично второ возење. Во генерален пласман кај мажите води Австриецот Бенјамин Рајх.
Американката Линдзи Вон, пак, викендов им одржа вистинска лекција на своите конкурентки, откако во три дена успеа да победи на исто толку трки во спуст и супервелеслaлом. Во неделата, во Хауз им Енштал, Вон ја помина целта побрзо од Швеѓанката Ања Персон и третопласираните Надја Фанкини и Мартина Шилд од Италија, односно од Швајцарија. Вон е убедливо прва во генералниот пласман, пред Германката Марија Риш и Австријката Кетрин Цетел.
Aвтор: БГ/ЕМФ/афп/ројтерс