1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидер кој не знае да води

Миодраг Сориќ / Превод: Борис Георгиевски7 ноември 2012

Американците го реизбраа претседателот Барак Обама, но дали тој ќе научи нешто од грешките од првиот мандат? Постои добра причина за сомнеж во тоа, смета Миодраг Сориќ

https://p.dw.com/p/16e82
Миодраг СориќФотографија: DW

Сјајот избледе. Американците овојпат не се загубија во бранот еуфорија за новата надеж која ја претставуваше претседателот Барак Обама. Тажната реалност- без разлика дали политичка или економска- му ја оттргнаа магијата. Вистина е дека Американците повторно го избраа, но тоа беше повеќе глас против Мит Ромни, отколку одобрување за Обама.

И тоа не е чудно. Обама, кој ветуваше дека ќе ги обедини Американците, само ги заостри поделбите во американското општество во изминатите четири години. Двата политички табори се подалеку еден од друг од кога било досега. Доколку републиканците имаа подобар кандидат, Обама ќе немаше шанса.

Претседателот мора да ја отфрли својата ароганција и да учи од своите грешки, инаку неговото владеење ќе замине во историјата како неуспех. Невработеноста останува висока. Националниот долг урива рекорди, инфраструктурата е се‘ полоша, универзитетското образование се заканува да стане привилегија на богатите. Здравствениот систем на Обама им помогна на милиони Американци, но по огромна цена, која САД не можат да си ја дозволат, како што не можат да си ги дозволат ниту другите социјални бенефити.

Во следните четири години Обама мора да се фокусира на економијата. Тој треба да им пружи рака на републиканците, и треба да биде поподготвен на компромиси. Но тој треба да води, а не да посредува. За разлика од Ромни, тој никогаш не научи да води. Пред да стане претседател, Обама беше локален политичар, подоцна и сенатор, но не и гувернер, како Ромни. Дури и денес, инсајдерите го опишуваат Обама како туѓинец во сопствениот кабинет, чии членови залудно чекаат на јасни наредби.

Досието на Обама во надворешната политика е разочарувачко. Арапите, Авганистанците, Иранците и Пакистанците - сите очекуваа повеќе од Обама, кој не успеа да го затвори ниту Гвантанамо. Обама беше принуден да стави крај на војната во Ирак затоа што во неа не можеше да победи, а истото е на пат да се случи и во Авганистан. Претседателот преферира Европејците да се занимаваат со Балканот, затоа што тој е повеќе заинтересиран за Кина и Латинска Америка.

Слично е и на Блискиот Исток. Обама и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху често зборуваат на телефон, но еден за друг имаат да кажат само лоши работи. Граѓанската војна во Сирија се заканува да се прелее во соседните земји. Христијаните на Блискиот Исток страдаат под се‘ поголеми реперкусии, стотици илјади во Ирак, Сирија и Либан, се принудени да ги напуштат своите домови. Обама не делува заинтересиран.

Тој води од заднина, велат во Вашингтон. Што и да значи тоа.