Лидерска средба
9 јануари 2009Претседателските и локалните избори најверојатно ќе бидат одржани на 22 март. Партиите се’ уште не ги откриваат имињата на кандидатите за идниот шеф на државата. Засега во центарот на вниманието е организацијата на фер и демократски избори.
„Како клучно прашање се наметнуваат изборите, да имаме фер и демократски избори, избори како што и’ прилегаат на Република Македонија, избори како што и’ прилегаат на земја-кандидат за членство во Европската унија“, кажа Ивица Боцевски, вицепремиер за евроинтеграции, посочувајќи ги изборите како врвен владин приоритет од Европската агенда.
И опозицијата смета дека изборите се клучни: „Најважна тема во политичкиот дијалог во идниот период на оваа и сите идни лидерски средби е создавање услови за фер и демократски избори. Ние ќе инсистираме ова да биде главна тема на сите понатамошни средби“, реагираше Дамјан Манчевски од СДСМ.
Пред да се сретнат лидерите на власта и опозицијата денеска претпладне, спикерот Велјановски ќе го информира претседателот на Државната изборна комисија, Новаковски, дека ќе ги распише претседателските и локалните избори. Од ДИК ќе зависи кога ќе упати покана до меѓународната заедница, пред се’ до ОБСЕ, да се следат и претстојните избори во Македонија.
Експертите ја објаснуваат технологијата како се следат изборите и што преземаат и се фокусираат да оценат, меѓународните мисии пред се’ набљудувачите на ОБСЕ: „Првиот аспект е за тоа како поминале изборите, значи дали имало или немало инциденти и колку тие инциденти ескалирале итн. Вториот аспект е доколку инцидентите ескалирале, дали државата го направила она што е потребно за да бидат спречени и коригирани“, кажа Ненад Марковиќ, аналитичар од Институтот за демократија.