Лига Европа остана без бранителот на титулата
22 февруари 2013За првпат во историјата на клубот, Штутгарт се пласираше во осминафиналето на Лига Европа. По нерешените 1:1 на домашен терен против белгискиот Генк, Штутгарт во реваншот победи нагости со 2:0. Стрелци на головите беа Бока, во првото, и Гентнер во второто полувреме. Противник во следната рунда на Штутгарт ќе му биде римскиот Лацио, кој пак во оваа фаза елиминираше друг германски претставник- Борусија Менхенгладбах. Италијанците беа подобар противник од Борусија во двата дуели, а клучна беше вчерашната победа пред домашните навивачи од 2:0.
Лошиот настап на германски клубови го заокружија Бајер Леверкузен и Хановер. По поразот од португалската Бенфика на првиот меч пред домашните навивачи од 1:0, во Бајер се надеваа дека можат до пресврт во реваншот. Но, тимот од Лисабон повторно се покажа како поснаодлив и поконцентриран во завршницата. Иако Бајер ја имаше иницијативата и шанси за гол, неговите напаѓачи повторно тешко го наоѓаат патот до мрежата на противникот. Бенфика на крајот славеше со 2:1.
Фудбалерите на Хановер се бореа до последната минута против фаворитот од Русија, Анжи за пласман понатаму, но и тие не успеаја да дојдат до поволен резултат. Надеж дека може да се надополни поразот од 3:1 од првиот дуел, на Хановер му даде Да Силва со гол во 70. минута. Но, и покрај бројните напади домаќините не успеаја да го совладаат гостинскиот голман, па во последната минута од судиското надополнување гостите од Русија постигнаа израмнувачки погодок преку Траоре.
Првата рунда од нокаут фазата во Лига Европа ја одбележа испаѓањето на бранителот на титулата Атлетико Мадрид. За Атлетико се покажа фатален поразот пред домашните навивачи од руски Рубин од 0:2. Во реваншот Атлетико победи со 1:0 што не беше доволно за натамошен пласман. Холандскиот гигант Ајакс, пак, загуби на пенали од Стеауа во Букурешт и исто така се прости од натамошните натпревари. Доброто коло за руските екипи го заокружи и Зенит, кој и покрај поразот од 3:1 на гостувањето кај Ливерпул, поради голот во гости обезбеди пласман во осминафиналето.