1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либих: Темата Македонија ќе се најде во Комисијата за надворешни работи!

Силвера Падори-Кленке20 декември 2013

Бизарниот спор со името не треба и натаму да ја блокира Македонија, смета Штефан Либих од Партијата на левицата во Бундестагот, кој најави дека оваа тема ќе ја иницира во парламентарната Комисијата за надворешни работи

https://p.dw.com/p/1Acgy
Фотографија: picture alliance / dpa

Информатичарот Штефан Либих од Паријата на левицата е пратеник во Бундестагиот од 2009 година. Како член на Комисијата за надворешни работи во минатиот парламентарен состав се занимавал со европската политика, проширувањето, Западниот Балкан и Македонија. Либих за ДВ ги коментита заклучоците на шефовите на држави и влади околу проширувањето и Македонија.
„Најпрво, морам да кажам дека ме радува што ЕУ ќе ги започне пристапните преговори со Србија што покажува дека и покрај трешката состојба во која се наоѓа Унијата проширувањето - продолжува. Сметам дека ова требаше да се однесува и за Македонија. Бизарниот спор со името за кој е Грција одговорна не треба и натаму да ја блокира Македонија“, коментира Либих. Тој едновремено вели дека не е голем оптимист за брзи поместувања на Македонија на добро, зашто потсетува дека Грција во првото полугодие од 2014-тата, го презема претседателството со ЕУ .
Искуството покажува дека со вклучувањето на Унијата во спорните прашања, многу билатерални конфликти биле надминуваат. Примери се не само Словенија и Хрватска, туку најсвеж е и оној меѓу Србија и Косово. Кога е во прашање Македонија и Грција, ниту Унијата, ниту некоја од моќните држави сакаат да се инволвираат во спорот и се' оставаат да реши преговарачот на Обединетите нации. ДВ го прашува Либих: толку ли е мала и незначајна Македонија па се остава самата на себе и на притисокот на Грција?
„Ќе биде голема штета за Европската Унија, а секако и за Македонија, доколку оваа шанса се прокоцка. Јас, меѓутоа, за ваквата состојба одговорноста не ја префрлам на Европската комисија, ниту на земјите членки на ЕУ, со исклучок на Грција. Европската унија се ангажира. Истото последниве години го прави и германската влада настојувајќи Грција да се помести од своите позиции. Сигурен сум дека новиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер ќе продолжи да работи околу ова прашање. Правилата во ЕУ се такви што и една единствена земја може проширувањето да го блокира. За мене тоа е погрешно, но тоа е така и единствено преостанува со Грција и натаму за ова да се разговара. Ние (Партијата на левицата н.з.) во Бундестагот сега сме најголема опозициска партија, со што имаме и поголемо влијание врз владината политика од порано. Во секој случај оваа тема јас ќе ја покренам во Комисијата за надворешни работи. Дали и кога ќе дојде до парламентарна иницијатива не можам да кажам, но верувам дека за оваа тема ќе се заложат многумина колеги во Бундестагот “, коментира за ДВ Штефан Либих од Партијата на левицата во Бундестагот.

Stefan Liebich MdB Die Linke
Партијата на левицата сега има поголемо влијание врз владината политика. Штефан ЛибихФотографија: DW