Либискиот премиер повторно на слобода
10 октомври 2013Ослободувањето на премиерот Али Зејдан го потврдија либиската државна новинска агенција Лана и извор во владата. Агенцијата Ројтерс повикувајќи се на очевидци јавува дека пред зградата каде што бил држен Зејдан се собрала поголема група демонстранти кои пукале кон објектот, по што премиерот бил ослободен. Се шпекулира дека е можно и армијата да одиграла улога во неговото ослободување.
Киднапирањето на либискиот премиер било одмазда за апсењето на лидерот на локалниот огранок на Ал Каеда, Абу Анас Ал Либи од страна на американските командоси во Триполи, пред пет дена.
Две години по револуцијата во која беше урнат режимот на поранешниот претседател Моамер Ел Гадафи, властите не успеваат да воспостават контрола врз делови од земјата, ниту пак врз групите составени од поранешни бунтовници кои учествуваат во револуцијата.
Грабнувањето на Зејдан го извела групата Бригада за борба против криминалот, која всушност е ангажирана од владата да се грижи за безбедноста во главниот град Триполи.
Претставник на милицијата претходно изјави дека Зејдан „е уапсен под обвинение за нарушување на државната безбедност и корупција“. Но, јавното обвинителство тврди дека не издало никаков налог за апсење.
Зејдан кој беше именуван за либиски премиер пред една година, ја осуди американската акција во која беше уапсен осомничениот терорист Либи и побара да му се суди на либиско тло. Грабнувањето на Зејдан се случи само неколку часа откако тој се сретна со семејството на осомничениот терорист.
Либи, чие вистинско име е Назих Абдул Хамед Ал Раги, се наоѓаше на листата на ФБИ на најбараните светски терористи и за него беше понудена награда од 5 милиони долари, откако беше осомничен дека ги организирал нападите врз американските амбасади во источна Африка во 1998. година.
Според информациите, Либи се наоѓа на брод на американската морнарица во Средоземното море. Американскиот претседател Барак Обама најави дека на Либи ќе му се суди, бидејќи САД поседуваат докази оти тој учествувал во напади во кои загинале стотици американски државјани.