Либек: врата кон средниот век
1 септември 2008
Старото градско средиште на Либек е опкружено со вода и наликува на остров. Кога ќе поминете низ импозантната, црвена градска врата „Холстентор“, веднаш ќе се најдете во доцниот среден век. Улиците и уличките во стариот дел на градот се поплочени со природно заоблен камен, добро сочуваните средновековни куќи, изградени со црвена а украсени со препечена цигла. Насекаде се распространети премини и дворови, чие откривање веќе само по себе претставува доживување. Либек, кој е изграден во втората половина на 13 век, денес е еден од најдобро зачуваните историски градови во Германија. Во 1987 година градот е примен во редот на светското културно наследство на УНЕСКО.
Крал на ханзеатските градови
Меѓународната трговија овде има долга историја. Во 1358 година Либек заедно со други источногермански градови се обединиле во трговското здружение наречено „Ханзе“. За кратко време 150-те градови на Ханза завладеале со целата трговија на Балтичкото и Северното Море, и тоа за наредните 150 години.
Либек, како крал на Ханзе, станува најзначаен град во северниот дел на Германија по преземањето на раководството на Здружението.
Мора да се проба марципанот
По обиколката на градот, треба да пробате парче леб од марципан во некое од бројните стари кафулиња. Либек е познат по својот марципан ширум светот. Кружат неколку приказни за потеклото на специјалитетот од бадеми, шеќер и розина вода.
Некои раскажуваат дека кога настапил период на глад во пекарите имало недостиг на брашно, па како замена испекле леб од бадеми. Иако ова можеби не е вистина, мора да се проба марципан и тоа не само во времето пред Божиќ.
Подобро од Бордо
И покрај тоа што нема сопствени лозја, Либек има дури и свое црно вино. Имено, грозје од лозата „Либек ротспон“ се увезува од францускиот предел околу Бордо. Младото вино во Либек се подготвува во дрвени буриња, во кои во услови на северногерманска клима добива посебен вкус. Тоа најдобро може да се провери во еден од многубројните стари градски винарски визби.
Град на книжевници
Покрај наредените куќи од црвена цигла, веднаш се забележува „Буденброкхаус“. Куќата на Буденброкови го носи тоа име откако Томас Ман доби Нобелова награда за литературното дело „Буденброкови“, роман за тивката пропаст на тоа семејство од Либек. Родната куќа на писателот изградена во 1758 година, поради признанието, стана апсолутен магнет за посетителите на градот.
Денес таа е музеј во кој се чуваат спомените за животот и делото на браќата Томас и Хајнрих Ман. Само неколку минути одење понатаму, на адресата „Глокенштрасе 21“ се наоѓа куќата на Гинтер Грас, која ја прикажува работата на вториот Нобеловец за литература од Либек. Посетителите на центарот на градот, можат да ги видат и неговите графики и скулптури.
Адвент во светското културно наследство
Во периодот пред Божиќ, во градот владее особено необично расположение. Во подножјето на градската и централна црква Св. Марија, трета црква по големина во Германија, бројни божиќни саеми повикуваат на посета од крајот на ноември. Посебна атракција се саемите на применета уметност во болницата Св. Дух како и во црквата Св. Петри.