1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летонија привлекува со Шенген-визи

Б. Јохансмајер/ А.Трајковска24 јуни 2013

Оној кој во Летонија ќе инвестира повеќе од 150.000 евра во недвижности, ќе биде награден со Шенген-виза. Тоа значи дека пет години ќе може слободно да се движи во ЕУ. Шансата, во меѓувреме, се прочу до Кина.

https://p.dw.com/p/18kuP
Фотографија: Fotolia/katatonia

Џонгбао Генг и неговиот посредник за невижности се наоѓаат во малиот летонски град Цезис. Кинезот ја напушти својата татковина за во Летонија да започне нова егзистенција. Џонгбао Генг тука инвестираше 100.000 евра во еден стан во новоградба. За тоа летонската држава му издаде петгодишна Шенген-виза.

„Ова е мојот пасош и дозволата за престој. Со тоа можам да патувам слободно во Шведска, Германија и други земји. Дозволата многу ми значи. Од Кина никогаш не би излегол, но од Летонија имам таква шанса“, вели Генг.

Пред пет години летонскиот градежен бум го стопираше меѓународната финансиска криза. Недвижностите останаа празни и економијата западна во застој. За да се привлечат инвеститори од Русија и Кина, летонскиот парламент го воведе издавањето на Шенген-визите. Раководителот на комисијата за буџет Јанис Озолинс подвлекува: „Властите за доселување и тајната служба вршат строги контроли. Криминалците и луѓе по кои има меѓународна потрага ги одбиваме.“

Во главниот град Рига веќе се прочу дека инвеститори од Кина купуваат станови во Летонија или основаат фирми. Се' повеќе студенти одбираат кинески, надевајќи се на добро платена работа како преведувачи или менаџери.

#49496226 selensergen - Fotolia.com
Фотографија: Fotolia/selensergen

„Летонија е мала земја, затоа мора да биде отворена за голема држава како Кина. Јазикот ќе ми ги отвори сите врати за голема кариера“, истакнува Лорина Гордејева.

Во меѓувреме, за Шенген-виза им се продадени повеќе од илјада недвижнини на Руси и на Кинези. Во иднина Летонија повеќе би сакала да ги поттикнува инвестициите во извозното стопанство за да отворат работни места. Оти од кинеските купувачи на станови речиси никој не останува таму.

„Овде во Цезис до денеска станови имаат купено 15 семејства, но само едно живее тука, другите ги издаваат становите. Кинезите се одлучуваат за Цезис или Летонија за слободно да патуваат во Европа. Но, речиси никој не живее тука, “ вели посредникот за недвижнини Карлис Менгелис.

Џонгбао Генг со неговото семејство ќе остане пет години во Цезис. Потоа се надева на летонско државјанство. Тој е лекар и сака да отвори ординација за акупунктура, најрадо во Германија. Неговата ќерка, пак, сонува да студира во Холандија.