1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летонија - новиот Кипар?

Гелзис Гедертс/ Симе Недевски25 август 2013

Летонија од наредната година ќе ја воведе заедничката европска валута. Иако балтичкатa земја убедливо ги исполни критериумите од Мастрихт, сѐ почесто се слуша приказната за нов даночен рај во еврозоната налик на Кипар.

https://p.dw.com/p/19VoL
Фотографија: Ģederts Ģelzis

На лаик би можело да му се причини дека Летонија навистина се обидува да го имитира Кипар. Секое лето, гламур и блескава индустрија на забава ги привлекува туристите кои се сјатуваат во Урмал, одморалиште покрај море, одалечено половина час возење од главниот град Рига.

Веќе 12 години, градот е домаќин на музичкиот натпревар „Нов бран“, чии учесници се познати пејачи од Русија и од поранешните советски републики. Овој натпревар стана неформално собиралиште на богатите и моќни луѓе од Русија, како што се Михаил Фридман и Роман Абрамовиќ.

„Нов бран“ ја зајакна Летонија и популарноста на Урмал. Но, за Андреј Шчербаков, кој се занимава со недвижности во банката „Риетум“, најважно е што популарноста на Летонија носи сѐ повеќе купувачи на станови, вили или згради.

„Забележавме раст на бројот на клиенти и отвораме многу нови банкарски сметки“, вели Шчербаков за ДВ. Клиентите најчесто доаѓаат од поранешните советски републики, а причина повеќе да купат куќа токму во Летонија е законот од 2010. година. Според него, секој кој ќе вложи во недвижности најмалку 140.000 евра добива дозвола за постојан престој во Летонија и со самото тоа во ЕУ.

Lettland Währung Lat
Фотографија: ILMARS ZNOTINS/AFP/Getty Images

Ново даночно засолниште

Но, тука законодавците во Рига не запреа. Промените на даночниот систем од оваа година ја направија Летонија уште попривлечна за основање на холдинг компании. Поволности кај данокот на приход, укинување данок на камати и такси на странски компании и даночна стапка од само 15 проценти- тоа се адутите на Летонија.

Свен Гиголд, германски политичар и член на Европскиот парламент, неодамна ја нарече Летонија „ново даночно засолниште во еврозоната“. „Во суштина, постои желба во Летонија да се развие банкарски сектор наменет за странци. Значи, по примерот на кипарскиот бизнис модел“, вели економистот Јанис Ослејс, кој го дели мислењето на Гиголд.

Ослејс исто така е загрижен поради тоа што Летонија се обидува да привлече руски пари и капитал продавајќи им земјиште на Русите и на луѓето од други националности кои доаѓаат од земјите од третиот свет. „Ако Летонија не пронајде начин да постигне побрз индустриски раст во своите основни индустриски гранки и направи цврста основа за својата економија, тогаш сме на пат кон нестабилна пирамида каква што видивме на Кипар“, вели Ослејс.

Банкарскиот сектор не е како на Кипар

Премиерот Валдис Домбровскис, кој ги предводеше напорите на Летонија да се придружи на еврозоната, е сигурен дека Летонија не е нов Кипар. Домбровскис за ДВ нагласува дека Летонија има релативно мал банкарски сектор во споредба со ЕУ. „На пример, ако активата на банкарскиот сектор лебди меѓу 700 и 800 проценти БДП на Кипар и во ЕУ, во Летонија можете да најдете ниво помеѓу 360 и 370 проценти.“

Valdis Dombrovski Lettland EU
Премиерот на Летонија Валдис ДомбровскисФотографија: Reuters

Тоа во податоци го поткрепува и Наталија Ткаченко, од Управниот одбор на Балтичката меѓународна банка. Таа вели дека депозитите од странците во нејзината банка не пораснале значително- на крајот на февруари имало 313 милиони евра, а сега има 322 милиони евра. „Имаме раст од 3 проценти и тоа е нормално“, вели Ткаченко. Таа меѓутоа забележува дека сѐ повеќе странци основаат холдинг компании во Летонија, а тоа го оправдува со „привлечната географска позиција меѓу исток и запад“ и „развиенот транзитен систем“.

Странскиот капитал под надзор

Финансиската и пазарна комисија објави дека минатата година странскиот капитал во Летонија изнесувал 48.9 проценти од вкупните пари депонирани во банките. За споредба, пред 10 години тој износ беше поголем од 54 проценти, за во 2009. година да опадне на 38 проценти, кога Летонија поминуваше низ најдлабока економска криза во ЕУ. „Го испитуваме секое вложување, од каде тоа доаѓа, како и тоа дали има легално потекло. Банките мораат да исполнат низа барања во врска со превенција на перење пари“, вели Кристапс Закулис, кој е на чело на Комисијата. Тој додава дека 13 од 29 банки во Летонија претежно работат со странци и дека се тие под посебен надзор.

Меѓутоа, не се согласуваат сите со тоа. Маркус Мајнцер од Мрежата за даночна правда за ДВ вели дека Летонија подготвува „опасни закони за данок“.

Lettland Euro Einführung
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Навистина е неуспех што некој дозволува вакви ниски даночни стапки и исклучоци во Летонија- во комбинација со многу строга дискретност на банките и неуспех во борбата против перење пари“, вели Мајнцер. „Не треба да заборавиме дека некои земји би требало добро да се погледнат во огледало, а тоа се однесува и на Германија, Холандија, како и на останатите.“
Мајнцер за ДВ изјави дека би било погрешно да се бара од новите членки на еврозоната да се придржуваат на стандардите, кои и не се официјално формулирани во рамките на ЕУ. Аналитичарите како Мајнцер сметаат дека би било многу подобро за ЕУ да воведе ред во сопствената куќа, а кој се однесува на даночните стапки за корпорациите и на можностите за прекугранично вложување.