1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекови и спречување

20 август 2006

Коментар на Мартин Винкелхајде

https://p.dw.com/p/AdyK
Образование и лекови: од конференцијата за сидата во Торонто
Образование и лекови: од конференцијата за сидата во ТоронтоФотографија: AP

И покрај тоа што немаше завршна декларација, пораката од Торонто е јасна: повеќе пари за лекови и спречување на ширењето на сидата. Околу 20 илјади научници, лекари, политичари и претставници на хуманитарни организации една недела разменуваа мислења за мерките за намалување на болеста. Резултатите од меѓународната конференција ги коментира Мартин Винкелхајде:

Сидата е најголемата здраствена криза што кога и да е ја доживеал светот. На крајот од анти-сида конференцијата немаше никаква формална завршна декларација. А, сепак има нешто како „Порака од Торонто„. За да запре ширењето на заразата, мора да се случи многу повеќе од дневното кризно менаџирање. Мора да се постават нови насоки за наредните децении. Погрешните решенија можат да чинат милиони животи. Со оглед на скоро 40-те милиони инфицирани, секако најнапред треба да се спасат луѓето на кои животот им е акутно загрозен. Затоа, оправданото барање од Торонто гласи: лековите што го спасуваат животот веќе не смеат да бидат привилегија за пациентите од богатите земји. Секој кому му се потребни, мора да може да ги добие. Експертите страхуваат од можноста во наредните десет години од ХИВ да се заразат нови 60 милиони луѓе. Ако тоа вистина се случи, за неколку години драматично ќе порасне потребата од лекови и тоа не ќе може да се покрие со никакви пари. Второто барање од Торонто затоа гласи: спречувањето мора да биде поефикасно. Меѓутоа, само мал дел од луѓето во сиромашните земји денес имаат знаење и можност да се заштитат. Недостигаат објаснувања во училиштата и селата, во борделите, а кондомите, за жал, во Африка и во други делови на светот, се уште се стока што ја нема доволно.

Значи, лекови и спречување. Но, кој да плати? Конференцијата во Торонто не можеше да одговори. Таа можеше само да апелира до владите. Индустриските нации до денес одбиваат сериозно да се зафатат со битката против епидемијата. Уште полошо – политиката спречува земјите што се најпогодени самите да ја водат таа битка. Ослободување од долговите за најсиромашните? Погрешна адреса. Фер услови за трговија? Преговорите во Светската трговска организација се одложени на неопределно време. Конечно и ветувањето: повеќе пари за развојна помош. Многу зборови, малку дела.

Затоа мораат да се постават нови основи: во Париз, Лондон, Вашингтон и Берлин. Вирусот може да се победи ако конечно битката против сиромаштијата почне сериозно да се води. Инаку сидата нема да ни даде никаква шанса.

Мартин Винкелхајде