1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарската етика не знае за граници

7 декември 2010

Во Стокхолм вчера (06.12.2010) беше доделена Алтернативната Нобелова награда. Признанието оваа година го делат екологисти од Нигерија и Бразил, како и една непалска хуманитарна организација и лекари од Израел.

https://p.dw.com/p/QQkg
Рушама Мартон, соосновач на организацијата на лекари од Израел кои им помагаат на ПалестинцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Алтернативната Нобелова награда, која е дотирана со 200 илјади евра, се доделува од 1980 година. Таа е замислена како поддршка на оние кои нудат практични одговори на предизвиците на сегашноста. Една од израелските лекари кои се добитници на наградата, е и израелската лекарка Рушама Мартон.

Решавачкиот повик Рушама Мартон, лекарка и психотерапевт, го доби пред околу три месеци:

„Останав без зборови, зашто навистина ја ценам оваа награда.“

Организацијата е родена

Мартон отсекогаш сакала да си создаде сопствена слика за настаните, па и во јануари 1988 година, неколку недели по разгорувањето на првиот палестински бунт против израелската окупација, не поверувала во извештаите на израелските медиуми за крвавото задушување на Интифадата. Се јавила кај свој пријател, палестински лекар во градот Газа, д-р Хаида Абдел Шафи, а со себе повела единаесет израелски лекари за да се уверат што се случува во Газа:

„Бевме шокирани од тоа што го видовме, особено од состојбата на пациентите. Најголемиот дел од нив беа деца со скршени раце и нозе, во бесвесна состојба по ударите со палки по нивните глави.“

Israelische Luftwaffe greift weiter Ziele im Gazastreifen an
На Палестинците секоја лекарска грижа им е добредојденаФотографија: picture-alliance / dpa

Уште истата вечер во јануари 1988 година на Рушама Мартон и нејзините колеги им било јасно дека нема да се вратат молчешкум во Израел без нешто да преземат. Основале организација која се грижи за медицинска нега на луѓето во окупираните палестински области. Истовремено организацијата се зазема за укинување на разликите во здравствената грижа за Израелците и Арапите.

Благодарност од пациентите

Една од многубројните пациентки на организацијата „Лекарите за човековите права-Израел“ е и Јасмин Рафах. 21-годишната палестинска слепа девојка го објаснува својот пат по маките и барањето помош од израелските лекари во болницата во Источен Ерусалим. Иако три пати имала закажана операција, израелските војници ја враќале од граничниот премин Ерец. Во средината на октомври сепак успеала со помош на организацијата за заштита на човековите права да стигне во болницата и била оперирана, но нејзината состојба по враќањето во Газа драматично се влошила, па ни израелските лекари во болницата Сент Џонс во Источен Ерсулаим веќе не можат ништо да направат. Сепак, таа има само заборови на пофалба за нив:

„Можам само да кажам дека организацијата за заштита на човековите права овде во Газа го направи најдоброто што можеше. Благодарна сум им и на лекарите за човекови права на израелската страна, покажаа човечки ангажман. Мојата состојба сепак е влошена. Порано можев сама да одам од Рафах до Газа, бев барем делумно самостојна и можев сама да се движам. Сега веќе не можам воопшто да гледам, па не излегувам повеќе од дома“, објаснува Јасмин.

Автор: Клеменс Ференкоте/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски