1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарката во Брза помош Дагмар Цилиг од Росток

18 април 2010

Дагмар Цилиг не работи само како лекарка во Брза помош, туку и во слободното време не се дели од лекарскиот куфер и работи како доброволен тренер на спасувачи за на море, а повремено дури и како лекарка за нуркачи.

https://p.dw.com/p/MDvR

Пред да излезе од дома рано наутро, Дагмар Цилиг подготвува појадок за нејзините ежови. Во нејзината визба засолнила 18 од овие мали, бодликави животинки, кои инаку немало да ја преживеат зимата. Дагмар Цилиг им дава храна за мачки и заминува на работа. Во 7 часот започнува утринската смена во спасувачката служба на Германскиот црвен крст во Росток. На лекарката за итни случаи денот и‘ започнува порелаксирано само кога е во вечерната смена.

Gesichter Deutschlands DaZiP2
Пред да излезе од дома рано наутро, Дагмар Цилиг подготвува појадок за нејзините ежовиФотографија: DW

Дагмар Цилиг ретко оди во кино. Но, кога оди најмногу сака да гледа филмови со животни. 52-годишната вели дека уште од детството ги сака животните. Таа е израсната во стара манастирска зграда, во близина на малото село Хорин. Татко и‘ бил шумар. „Многу сакав да си играм во шумата. Не сакав многу играчки, но природата ми причинуваше задоволство!“ Дури и денес сите нејзини хобија се на отворено: едрење, нуркање, патување..., како и доброволната работа во Германското здружение за спасување при бродолом, кога со спасувачки поморски крстосувач плови по Балтичкото море.

Сопругот патува на море

Дагмар сакала да биде лекарка уште кога била девојче. Во 1975 се сели во Росток за да студира медицина и станува лекар специјалист за хирургија. Во 1996 година преминува во Германскиот црвен крст (ДРК). Покрај Дагмар, во спасувачката служба работат уште две жени. „Оваа професија е тешка за жени“, вели таа. Оној кој има семејство тешко може да ги реализира службените обврски. Дагмар нема деца. Имала желба за деца, но „на почетокот не можела да добие, а кога можела веќе било предоцна.“

Gesichter Deutschlands DaZiF1
„Многу сакав да си играм во шумата“, раскажува ДагмарФотографија: DW

Сопругот на Дагмар Цилиг е инженер за бродови. Тој поминува по четири месеци на море, а потоа два дома. Се запознале на едрење и можат да сметаат еден на друг: „Кога се разболе татко ми, сопругот зема шест месеци наплатен одмор“, вели лекарката. Нејзините родители се преместени во Росток, како лица на кои им е неопходна нега. Прво починала мајка и‘. Татко и‘ претрпел мозочен удар. Дагмар Цилиг интензивно се грижела за него девет години. И покрај потешкотиите, тие повторно нашле начин да комуницираат. „Сите велеа дека тој не ме разбира. Но, јас точно знаев дека не е така.“

Експерт за „лекарска терапија“

Дагмар Цилиг е уверена дека вниманието и близината се одлучувачки и во медицината. Во спасувачката служба одекнува алармот. Тоа е трета интервенција денес. Некој човек има алергиска реакција, веројатно на лекарство. Дагмар пристигнува кај него и веднаш му се приближува и го допира. „Најважно е да добие чувство дека сте тука и дека се‘ ќе биде во ред“, објаснува таа подоцна. Тоа функционира и човекот дише посмирено. „Ние тоа го нарекуваме ‚лекарска терапија’“, се смее Дагмар.

Gesichter Deutschlands DaZiP3
„Некој постојано ѕвони на мојата врата. Тука живеат уште двајца лекари, но кога имаат проблем сите доаѓаат кај мене!“, вели ДагмарФотографија: DW

Откако пред речиси една година починал татко и‘, дома никој не ја чека. Сепак, Дагмар не се чувствува осамено. Да го испланира наредниот одмор со сопругот, да напише реферат за наредниот семинар за лекари... секогаш има што да прави. Тука се и ежовите, а и соседите. „Некој постојано ѕвони на мојата врата. Тука живеат уште двајца лекари, но кога имаат проблем сите доаѓаат кај мене!“, заклучува Дагмар. „Нема одмор. Лекарот е лекар нон-стоп.“

Автор: Луна Боливар / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска