Леди Гага е премногу секси за Џакарта
27 мај 2012Организаторите денеска објавија дека го откажуваат концертот на Леди Гага во индонезиската престолнина Џакарта, планиран за 3-ти јуни. Како причина за откажувањето е загриженоста за „безбедноста“ по протестите на исламистичките групи, кои се заканија со предизвикување „хаос“ доколку се случи настапот на контроверзната американската поп ѕвезда. Индонезиската полиција одби да даде дозвола за настапот на Леди Гага по поплаките на исламистичките групи за нејзиното шоу, за кое тврдат дека е премногу вулгарно. Конзервативниот Фронт на исламистичките бранители (FPI) се закани дека ќе се обиде да ја спречи Леди Гага да излезе од авионот.
Индонезија официјално е секуларна држава, но во неа живее најбројната муслиманска заедница на светот. Инаку повеќе од 50 илјади влезници се продадени за концертот од 3-ти јуни, а промоторите најавија дека ќе ги вратат парите.
„Менаџерите на Леди Гага ја следеа ситуацијата од минута во минута, па поради заканите за концертот одлучија да го одложат нејзиниот настап“, изјави за новинарите Минола Себајанг, адвокат на компанијата Big Daddy. Ова не е првпат Леди Гага да се соочи со протести во текот на нејзината азиска турнеја. На нејзиниот концерт во Јужна Кореја можеа да дојдат само возрасни лица, откако протестираа тамошните христијански заедници. Протести имаше и на Филипините каде што христијанските групи ја обвинија пејачката за богохулство.