1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ледено доба се заканува на политичките односи меѓу Франција и Турција

24 јануари 2012

Сенатот во Париз усвои општ законот со кој се криминализира негирањето на геноцидите. Турција е лута поради овој закон, Ерменија задоволна.

https://p.dw.com/p/13ojs
Уште во декември Турците во Париз демонстрираа против законотФотографија: picture-alliance/dpa

Горниот дом на францускиот парламент со 127 гласа „за“ наспроти 86-те „против“ го усвои законот кој дополнително ќе ги влоши односите со Турција. Сенатот, како последна инстанца, го одобри законот што дозволува годишна затворска казна и парична казна од 45 000 евра за оние кои што ќе негираат некој геноцид. Пред да стапи на сила, законот изгласан минатиот месец и од долниот дом на парламентот, Националната асамблеја, мора да биде потпишан од францускиот претседател Никола Саркози, чија десничарска партија го предложи законот. Турција жестоко реагираше по гласањето во францускиот Сенат.

„Одлуката на Сенатот е голема неправда и покажува недостаток на почит кон Турција“, изјави веднаш по гласањето турскиот министер за правда Садула Ергин.

Турската амбасада во Париз реагираше со оценка дека Франција е во процес на губење стратешки партнер, како и дека односите меѓу двете земји можат целосно да се прекинат. „Кога зборувам за целосен прекин мислам и на можноста дефинитивно да заминам. Исто така, можете да очекувате дека сега дипломатските односи ќе бидат на ниво на вршител на должност, а не на амбасадорско ниво“, рече турскиот амбасадор во Франција Тахсин Буркуоглу.

Турција ќе ја тужи Франција во Стразбур

Се огласи и турското МНР, но со писмена писмена реакција. „Силно ја осудуваме оваа одлука која е пример на неодговорност“, стои во реакцијата од таму, при што се додава дека владата нема да се двоуми брзо да воведе реципрочни мерки. „Политизирањето на на разбирањето на правдата и историјата преку минатото на други луѓе и нарушувањето на слободата на изразување на нетактичен начин прво и основно е загуба за Франција“, стои во реакцијата на турското МНР.

Турскиот заменик премиер Булент Аринк од Стразбур порача дека официјална Анкара ќе презема перманентни мерки, додека законот не биде повлечен, кои вклучуваат и поднесување тужба пред Европскиот суд за човекови права.

За Ерменија вчерашниот ден треба да се запише со златни букви

Додека Турција реагираше на францускиот закон, Ерменија преку министерот за надворешни работи Едвард Налбандијан го поздрави неговото донесување.

„Овој ден ќе биде запишан со златни букви, не само во историјата на односите меѓу ерменскиот и францускиот народ, туку и во аналите на историјата на заштита на човековите права ширум светот. Гласањето дополнително ќе ги консолидира постоечките механизми на заштита на злосторствата против човештвото“, изјави ерменскиот министер Налбандијан.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган претходно го обвини францускиот претседател Никола Саркози дека го користи законот за да ги привлече гласовите на 400 000 Ерменци, колку што се проценува дека живеат во Франција, пред претседателските избори што ќе се одржат на 22-ри април и 6-ти мај годинава.

Законот е општ и не се однесува на ниту една конкретна земја, но со него Франција го признава геноцидот врз Евреите направен од националсоцијалистите во Втората светска војна и масакрот врз Ерменците, направен меѓу 1915 и 1917 година, во време на Отоманската империја.

Автор: АМ/ афп/ ртр/дв

Редактор: Александра Трајковска