1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лауреатот Валетас - промотор на македонската литература во Грција

Антоанела Димитриевска16 јуни 2012

Годинашен лауреат на Рациновите средби е грчкиот писател и издавач, поради 42-годишна издавачка дејност на македонски писатели на грчки, односно афирмација на македонската литература и култура надвор од Македонија.

https://p.dw.com/p/15GLL
Фотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

Почесното Рациново признание за 2012-та на годинашните 49-те Рацинови средби во Велес, градот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин (синоќа 15 јуни) свечено му беше врачено на Костас Валета, грчкиот писател и издавач. Го прашуваме за Дојче веле: што тоа му значи и како ја чувствува наградата?

„Среќен сум и горд што го добив ова високо признание на поетот и револуционер познат во цел свет и во Грција со неговите ’Бели мугри’, а кого много го почитувам, уште повеќе што тоа е поетот со кој имаме и заедничко име. За жал не сум го запознал, но го имам во моето срце заедно со уште неколку мои драги македонски писатели. Кога ќе се вратам како издавач ќе ги преведам на грчки и останатите вредни дела на Рацин“, најави Валетас.

Почесно Рациново признание за афирмација на македонската литература

Почесното Рациново признание му е доделено поради афирмација и промоција на македонската литература и култура надвор од Македонија. Го прашуваме како започна таа соработка? Во разговорот се вклучува и Паскал Гилевски македонскиот романсиер и поет, одличниот преведувач од грчка литература на македонски и обратно, а благодарение на кого започнала оваа заемна соработка меѓу двете земји.

Kostas Valetas Paskal Gilevski Schriftsteller
Паскал Гилевски и Костас ВалетасФотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

„Тој дојде во Скопје и мене ме побара на телефон, бидејќи видел издание на ’Антологија на грчката поезија’ преведена на македонски јазик и посакал и тој да издаде ’Антологија на македонската поезија’ на грчки јазик. Јас го однесов кај писателот Ацо Шопов, кој во таа далечна 1970-ма година беше претседател на културните врски со странство, и му ја предложивме идејата, а тој ја прифати“.

Костас Валетас појаснува: „Веднаш кога се вратив во Грција се зафатив со мојата идеја и така јас како издавач наскоро ја отпечатив првата ’Антологија на македонската поезија’ на грчки, како и ’Томавро ајвони’, за која преводот на грчки го направи Паскал Гилевски, или во превод на македонски ’Црниот славеј‘. Во оваа прва ’Антологија на македонската поезија‘ на грчки е содржана поезијата на триесетина ваши познати поети, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Раде Силјан, Радован Павловски и други. И оттогаш до сега имам издадено уште многу македонски автори кои преведени на грчки можат да се најдат во продажба низ грчките книжарници“.

Паскал Гилевски, пак, ни појаснува: „Преводот на македонски автори на грчки од страна на Костас Валетас во Грција, придонесе и понатаму и во Македонија да се преведуваат грчки автори. Со што соработката на литературите на двете земји, Република Македонија и Република Грција, што е многу важно е заемна, сите овие 42 години, колку што трае и нашата соработка и пријателство. Така, минатата година на македонски јазик излезе ’Антологијата на грчката драма‘, на новите грчки драми на 20 век. Наскоро планираме да издадеме и втор дел од оваа антологија. Воедно издадовме и ’Антологија на грчката класична поезија‘. Токму сега во Велес, кај нас се роди и идејата драмата на Костас Валетас ’Бегство‘ да се преведе на македонски и постави на некоја од театарските сцени во земјава“.

Литературата е најголемиот мост меѓу народите

Го прашуваме Костас Валетас за тоа колку соработката меѓу македонските и грчките писатели, кои се чести гости на Рациновоте средби и други културни манифестации во Македонија, може и придонесе за градење на мост на пријателството меѓу народите. Колку тоа што политиката го разединува, поезијата може да го соедини?

Kostas Valetas Paskal Gilevski Schriftsteller
Фотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

„Мојата соработка со вашите писатели и издавачи покажува дека ние, народите на двете земји, сме цивилизирани и така се однесуваме, а со тоа придонесуваме за градење на пријателството меѓу народите во балканските земји и во нашите две земји. Литературата е најголемиот мост што ги поврзува народите. Меѓу нив не постои дистанца и разлики, само политичарите ги прават тие разликите и раздорот меѓу народите. Затоа ние, културните дејци, со нашата заемна културна соработка правиме напори повторно да ги обединиме народите на двете и сите балкански земји“, вели Валетас.