1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латиноамериканците предлагаат легализирање на дрогите

Тобијас Којфер/ Жана Ацеска4 јуни 2013

Пациенти наместо криминалци, наместо нелегални бизниси - контролирана продажба: Организацијата на американските држави предлага нов приод кон темата дроги.

https://p.dw.com/p/18fUl
Фотографија: Polícia Judiciária de Cabo Verde

Организацијата на американските држави, ОАС, не исклучува постепена декриминализација на дрогите како стратегија во борбата против моќната нарко-мафија. Студија нарачана од ОАС предлага во иднина дрогите да не се сметаат за криминален, кривичен, туку за здравствен проблем. Студијата за дрогите на американскиот континент чинела околу 1,7 милиони евра. Нејзе и‘ претходеше иницијатива на колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос на најновиот латиноамерикански самит во Картагена. Претходно, делегацијата на САД го одби барањето на латиноамериканските земји темата дрога да биде ставена на дневен ред на самитот. Сантос, заедно со претседателите на Гватемала, Ото Перез Молина, и на Ел Салвадор, Маурицио Фунес, спаѓа во политичарите кои се во потрага по невоени решенија во сузбивањето на нарко-мафијата. Само во Мексико, во изминатите шест години, во борбите со нарко-картелите има 50 илјади жртви, без битно намалување на влијанието на нарко-мафијата. Според европската полициска служба Европол, водечките мексикански картели „Лос Цетас“ и „Синалоа“ во меѓувреме прераснаа во „глобални пазарни координатори за шверц на кокаинот кон Европа и северна Америка“. И помалите латиноамерикански држави исто така страдаат од насилството на картелите со дрога како транзитни земји.

Drogen Lateinamerika
Протести против насилството на нарко-мафијата во МексикоФотографија: AP

Контролирана продажба на марихуана

Студијата која Сантос и генералниот секретар на ОАС, Хозе Мигуел Инсулца, неодамна ја претставија, предлага легализација на „помеките дроги“, како марихуаната. Со тоа би се овозможило контролирање на производството, продажбата и потрошувачката на дроги, ставајќи ги надвор од криминалниот синџир.

На зависниците од дроги, според студијата, би требало да им биде овозможен подобар пристап кон мерките за рехабилитација. Наместо како криминалци, тие треба да бидат третирани како пациенти. Студијата има за цел поттик на дебата на целиот американски континент, која треба да води кон поефикасни резултати во борбата против дрогите.

„Се работи за недвосмислена противречност - од една страна зависниците од дрога да се третираат како болни луѓе, а од друга страна да се казнува користењето дрога“, резимира Инсулца. Студијата смета дека производството на марихуана нема да се исплаќа повеќе за наркомафијата ако бидат легални одгледувањето и користењето. Зашто, картелите собираат високи профити благодарение на високата продажна цена на улиците, која во суштина повеќекратно ја надминува производствената цена.

Латинска Америка ја притиска Европа

Латинска Америка со тоа во еден дел само ја следи ЕУ: во речиси сите европски држави проширувањето на понудата за третман на зависниците од хероин во 2012 година водеше до осетно намалување на побарувачката. Во Европа досега марихуаната важеше за најшироко распространета илегална супстанца. Нејзиното контролирано производство и продажба во Латинска Америка со тоа би имало влијание и врз Европа. За таа цел е потребна и промена на курсот, зашто во актуелната стратегија за дрогите во ЕУ за периодот од 2013 до 2020 година, нема збор за легализација на илегалните супстанции како можна алтернатива. Наместо тоа, се предлага продолжување на досегшните мерки, како уништување на производните површини во земјите на потекло.

Drogensüchtiger
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Европа за предводник во стратегијата на легализирање важи Португалија. Во неа уште од 2001 година е декриминализирана употребата и поседувањето дрога. Консументите меѓутоа не смеат да носат со себе повеќе од десет дневни дози. Стапката на зависници оттогаш не се зголеми, бројот на умрени од дрога пак се намали за 35 насто, што за властите е резултат на целното третирање на зависниците од дрога.

Нема легализација на кокаин

Колумбискиот претседател Сантос порано ги обвинуваше САД за двоен морал во борбата против дрогите. Не може да се бара од колумбиските селани да го прекинат илегалното производство на дрога, а во некои американски сојузни држави да биде легализирана марихуаната. Додека неговата сопствена земја се бори против нарко-картелите, „грингосите мирно си виткаат по некој џоинт“. Колумбија важи за најголем светски производител на кокаин. Колумбиските дрогашки картели годишно извезуваат дроги во вредност од околу 100 милијарди евра, пред се‘ во САД и кон Европа. Студијата на ОАС не предлага легализација на кокаинот.