1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лазаров ги обвинува судиите за поразот од Германија

18 јануари 2012

Според капитенот на македонските ракометари, за поразот биле виновни судиската двојка и лошата среќа. Во неизвесен и израмнет натпревар, Германците до победата стигнаа на минута пред крајот.

https://p.dw.com/p/13lDD
Кире Лазаров во дуел со Михаел ХасФотографија: Reuters

Македонските ракометари загубија од Германија со резултат 23:24 во рамки на Европското првенство што се одржува во Србија.

Во неизвесен и израмнет натпревар, Германците до победата стигнаа на минута пред крајот. Македонија имаше шанси да се избори за нерешен резултат, но не успеа да постигне гол во последниот напад.

Според капитенот Кире Лазаров, поразот бил незаслужен, а виновни биле судиите.

„Не заслуживме пораз од Германија. Тешко е да се победи ваква репрезентација која има помош од судиите. Не бевме присебни на крајот, штета што не победивме. За Германија овој натпревар беше се‘ или ништо. Наша грешка е што не реализиравме два пенала, промашивме неколку удари со играч повеќе и чисти ситуации. Се‘ беше свртено против нас“, изјави Лазаров.

Селекторот Ѕвонко Шундовски оцени дека за следниот натпревар против Чешка ќе мора да се подобри играта со играч повеќе.

И покрај поразот, репрезентацијата на Македонија со триумф в четврток против Чешка може да обезбеди пласман во следната фаза.

Автор: БГ/миа

Редактор: Ж. Ацеска