Лажните азиланти остануваат проблем
19 декември 2012Три години по воведувањето на безвизниот режим за Србија, Македонија и Црна Гора, шест земји на ЕУ и потписници на Шенгенскиот договор - Германија, Франција, Белгија, Луксембург, Холандија и Шведска - побараа во октомври, во случај на злоупотреба, да се укине на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан.
Претставници на Европскиот совет, Комисијата и Парламентот вчера не успеаја да се договорат околу механизмот за суспензија на безвизниот режим.
„Тоа беа тристрани преговори за Шенген зоната и азилантите. Ги приближивме ставовите, но би било подобро ако Советот беше малку пофлексибилен“, објави вчера еврокомесарката Сесилија Малмстром на микроблогот, без да објави повеќе детали.
И Тања Фајон денеска (19.12.2012) наведе дека нема единствен став меѓу членките на ЕУ.
„Вчера имавме расправа во Советот и отфрлен е предлогот на ЕП. Нема договор, што значи дека најверојатно ќе почне втор круг преговори во следната година. Зависи колку ќе трае целата постапка. Не очекувам дека брзо ќе најдеме некое решение, бидејќи нашите ставови се различни“, рече таа.
Предупредувајќи оти опасност постои, бидејќи механизмот би требало да биде усвоен следната година, таа изрази надеж дека безвизниот режим ќе остане во сила.