1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина амандмани во ЕП за извештајот за Македонија

11 март 2011

Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ на словенечкиот европратеник Зоран Талер предизвика лавина амандмани од неговите колеги во ЕП. На извештајот на седум страници поднесени се 152 амандмани.

https://p.dw.com/p/10XK7
Фотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

Изминативе денови и уште неколкуте кои преостанаа пред гласањето послужија или ќе послужат да се најде компромисна верзија на предлог-резолуцијата за Македонија, која ќе се разгледува на пленарната сесија на Европскиот парламент во април.

Разликите меѓу европратениците во однос на Македонија понекогаш се големи, понекогаш мали, во зависност од нивната политичка група или пак од која земја доаѓаат.

Загриженост поради актуелната ситуација во Македонија

Во однос на развојот на политичката ситуација во Македонија, јасно е дека европратениците ќе го променат текстот. Без разлика која верзија ќе биде усвоена, се очекува да изразат загриженост поради актуелната политичка ситуација, како бојкотот на парламентот од опозицијата и ризиците од ваквиот развој на ситуацијата да се одрази негативно врз европската агенда на земјата.

Zoran Taler
Известувачот за Македонија Зоран ТалерФотографија: Petr Stojanovski

Не се заборавени ниту настаните на Калето во Скопје, како и проектот „Скопје 2014“, со барање за воспоставување на дијалог меѓу политичките партии и етничките заедници.

Во еден од амандманите е изразена и загриженост поради зголемувањето на „изолацијата“ во Македонија, која изгледа подготвува програма за замена на отсуството на видлива европска перспектива.

Чарлс Танок и Ана Ибрисагиќ бараат бришење на параграфот во кој и се оддава почит на работата на специјалниот претставник на ЕУ во Македонија и на осудата на навредите и нападите испратени на негова адреса, додека други како Мариета Јанаку и Јоргос Кумуцакос го бараат спротивното.

Македонија треба да има европски норми за медиумите

Mazedonien-Europa

Многу амандмани се посветени на ситуацијата со медиумите и новинарството во Македонија. Покрај барањето да се гарантираат европските норми за слободата на изразување и независноста на медиумите, европратениците изразуваат загрженост поради политизацијата на медиумите и ниското ниво во новинарството, со совети за поголем професионализам.

Бугарските и грчките европратеници инсистираат на „добрососедски односи“

Повеќе амандмани се посветени на нерешените билатерални прашања, при што се бара од Македонија „да ги интензивира напорите за нивно решавање во духот на добрососедските односи“. На прво место овие амандмани доаѓаат од бугарските и грчките европратеници.

Бугарските пратеници бараат земјата да се воздржи од реториката или акциите кои можат да им наштетат на добрососедските односи, како и создавање на заеднички екипи за изучување на историјата или заедничко славење на „споделени историски настани“. Потоа, заштита на „спомениците кои му припаѓаат на бугарското културно наследство“ или на лошиот третман на лицата кои се декларираат како Бугари во Македонија.

EU Parlament von innen
Фотографија: AP

Грчките европратеници, се жалат на „антиквизацијата“ и се на мислење дека решението на името е дел на добрососедските односи и еден од елементите на процесот на проширување.

Додека останатите европратеници сметаат дека прашањето со името треба да се оддели од процесот на проширување, во спротивно тоа може да има штетни последици и дека двете земји треба да ја почитуваат времената спогодба склучена во ООН во 1995 година или пак да се одрази негативно на европската политика во регионот и на стабилноста на земјата.

Затоа некои европратеници, како Јорго Шацимаркакис и Норица Николаи бараат поголемо вклучување на ЕУ во решавањето на конфликтот меѓу Македонија и Грција, додека други тоа го одбиваат.

Интересно е дека бугарските и грчките европратеници имаат чуден концепт на добрососедска политика, бидејќи сакаат да го избришат од предложената резолуција македонскиот јазик и да го заменат со терминот „официјалниот јазик“.

Грчкиот европратеник од обединетата европска левица Николас Шунтис бара да се избриеше параграфот со кој беше критикувана Македонија заради контактите со Зимбабве.

Препорака за датум и барање до ЕУ да изработи механизам за арбитража при билатерални спорови

Во однос на датумот за преговори, сигурно е дека повторно ќе биде препорачано нивно отворање. А европратениците Марије Корнелиссен и Михаел Крамер бараат од Европската комисија и совет да изработат механизам на арбитража за решавање на билатерални проблеми меѓу земји кандидати и земји членки на ЕУ, ова со цел да се спречи ќорсокакот во процесот на проширување или другите процеси на ЕУ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема