Кјуриозити ќе бара живот на Марс
6 август 2012Сондата Кјуриозити утрово успешно слета на Марс. Откако мина пат од 250 милиони километри од земјата, најголемиот проблем за Кјуриозити всушност беше слетувањето на Марс поради атмосферата на оваа планета. НАСА соопшти дека возилото успешно слетало како „пајак на мрежа“ со досега неиспробана технологија.
Во лабораторијата на НАСА во Калифорнија утрово се славеше големиот подвиг, особено откако минаа ткн. „седум минути терор“ како што научниците го нарекуваа периодот на исчекување кога возилото требаше да биде спуштено на површината на далечната планета.
Откако навлезе во атмосферата на Марс со 20 илјади километри на час, леталото забави користејќи падобран и специјални мотори. Потоа следуваше деликатниот маневар во кој од вселенскиот брод беше испуштено возилото.
Кјуриозити веднаш по слетувањето ги испрати првите снимки од површината на планетата. Возилото е опремено со еден тон научна опрема, вклучитечно и ласер со кој ќе може да го утврдува составот на карпите на Марс.
Мисијата на Кјуриозити започна во ноември минатата година, а целта на научниците е преку него да утврдат дали условите на Марс воопшто некогаш дозволувале да се развие живот на планетата. Мисијата на возилото ќе трае една марсовска, односно околу две земјини години. Ќе се испитува кратерот Гејл, каде освен вода, научниците се надеваат дека ќе пронајдат и траги на јаглерод. Ќе се испитуваат минералите на површината од кои треба да се дознае какви биле условите на планетата пред повеќе милиони години.
На повеќе места во САД, меѓу нив и на Тајмс Сквер во Њујорк се собраа стотици љубители на проектот кои во живо го следеа и го поздравија со овации слетувањето.
Проектот се сметаше за многу ризичен затоа што две третини од мисиите организирани кон Марс досега пропаднаа поради проблемите при влезот во атмосферата на црвената планета. И покрај тоа, научниците од НАСА беа убедени дека овој проект ќе успее па вложија цели 2,5 милијарди долари во подготовката и испраќањето на Кјуриозити во вселената.
По слетувањето на Кјуриозити прв се огласи американскиот претседател Барак Обама кој го означи слетувањето за „историски момент кој означува голем чекор напред во истражувањето на вселената“.