1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Купот на Македонија одигран пред празни трибини

Златко Калински27 мај 2013

Во повтореното финале, одиграно без присуство на гледачи на Филип Втори Арената во Скопје, Тетекс по изведувањето на пеналите ја совлада Шкендија со 7:6. По 90-те минути и продолженијата резултатот беше нерешен 1:1.

https://p.dw.com/p/18eOy
Трибините на Филип Втори останаа празниФотографија: DW

Финале одиграно пред морничаво празните трибини! Последица на навивачките скандирања пред четири дена со националистичка содржина, што резултираше со прекин на натпреварот.

Во новото соочување фудбалерите на Тетекс и на Шкендија одиграа бурни, исцрпувачки 120 минути. Шкендија прва постигна гол. Во 17-та минута погоди Ејупи. Исклучувањето на голманот на Шкендија Велии во 25-та минута поради играње со рака надвор од шеснасетникот му даде нов тек на натпреварот. Тетекс го искористи вишокот на играч. Во 69-та минута Мицевски го изнивелира резултатот. На крај се заврте пенал-рулетот, со добитна комбинација за Тетекс, постариот од двата клуба од тетовското соседство.

Тренерот на Тетекс Горазд Михајлов вака го оценува финалето: „Ова беше многу тешко, исцрпувачко финале! Психолошкиот момент одигра голема улога. Требаше да се надмине неколкудневната тензичност, која започна со прекинот во средата. Се обидовме да останеме мирни, да се фокусираме на играњето фудбал против Шкендија, која важеше за голем фаворит. Успеавме да победиме и тоа е голема сатисфакција и за играчите и за мене како тренер. Нашите емоции се измешани, со радост поради пехарот и обезбедувањето настап во европските купови и тага поради испаѓањето од Првата лига!“

Финале со лузна

Ќе остане лузната на 21-то издание на Купот на Македонија. Финале одиграно во необичниот амбиент, несвојствен за силата на настанот со застрашувачки празното ехо од трибините.

Gorazd Mihajlov Fußballtrainer aus Mazedonien
Горазд МихајловФотографија: DW/Z. Kalinski

„Ова воопшто не е убава слика за македонскиот фудбал. Но, еднаш мора да се стави крај на националистичките испади. Спортот треба да е уживање.Тој треба да биде полигон за демонстрирање на играчкото мајсторство. Така и да се доживува и од навивачите, а не на начин кој нема ништо заедничко со спортот“, вели Горазд Михајлов.

Финалето на Купот во секоја земја е спортски празник. Завршните слики од Филип Втори Арената беа неминовност, вели за Дојче веле претседателот на ФФМ Илчо Георгиевски:

„Ова беше најмалку посакуван амбиент, но мораше така да биде. Еднаш мораме да застанеме и да кажеме НЕ на национализмот, на насилството, на секаков вид на дискриминација на нашите стадиони. Ова е само почеток и знак за сите дека нема тука да застанеме. Ќе одиме до крај. Ме радува што клубовите се со нас и имаме поддршка од нив во овој дел. Имаме поддршка и од пошироката спортска јавност во кампањата што ја започнавме минатата есен 'Сто насто фудбал'. Насилството, национализмот не го засега само фудбалот, туку спортот воопшто и целото наше општество. Верувам дека зад оваа кампања ќе застане и Агенцијата за млади и спорт и дека ќе се справиме со ова зло“, заклучува Илчо Георгиевски.