1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кундуз стравува за иднината без војниците на Бундесверот

Набила Карими-Алекозаи, Кундуз/Б. Георгиевски7 октомври 2013

За германската армија повлекувањето од Кундуз е чекор во вистинска насока, но не и за мнозинството локални жители. Тие стравуваат од враќање на талибанците и за сопствената иднина.

https://p.dw.com/p/19uax
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изминатата деценија германските војници беа вообичаена глетка за жителите на Кундуз, град во северен Авганистан. Но, сега тоа се менува. Вчера (06.10) и официјално им беше предадена командата на германската воена база на локалните безбедносни сили.

Локалните жители се загрижени поради повлекување на германските трупи од Кундуз, град кој беше упориште на талибанците сѐ до 2001. година.

„Знаеме дека нема да можеме да напредуваме без воената поддршка од Бундесверот“, вели Абдула Расоли, шеф на локална невладина организација.

Според него, талибанците веќе успеале да ја преземат контролата врз неколку населби во околината на градот, каде оперираат и вооружени криминални групи.

„Тоа ги плаши жителите на Кундуз. Кога германската трупи пристигнаа во Кундуз, најважното што го паметам е дека животот стана безбеден во целата провинција“, вели Расоли.

Иако таквото чувство не траело долго, објаснува Расоли, луѓето имале надеж за подобра иднина.

Hindus und Sikh in Afghanistan Hanod dar Kundoz
Фотографија: DW

Економска празнина

Добрите односи со локалното население беа дополнително развивани со бројни развојни проекти. Во изминатата деценија изградени се нови улици, училишта. Обучувани се занаетчии и учители. Дури и самото присуство на германските војници имаше позитивно економско влијание. Махбоба Хајдер е сопственичка на мала текстилна компанија со 20 вработени. Со години тие работеле за Бундесверот. Војниците, притоа, често купувале гардероба која како сувенир ја носеле дома.

„Но, веќе една година откако е влошена безбедносната состојба, војниците ретко излегуваат од нивната база“, вели Хајдер. Таа не е сигурна дали нејзината компанија ќе успее да опстане по заминувањето на армијата.

Причина за стрес имаат и локалните жители кои работеа за германската армија. Тие не само што ќе останат без работа, туку имаат причина да стравуваат и за сопствениот и за животот на нивните најблиски. За талибанците, соработката на локалните жители со меѓународните воени сили е рамно на предавство.

„Не се само талибанците тие кои што ни се закана, туку и други вооружени групи“, вели еден преведувач кој побара да остане анонимен. „Доколку овие групи дознаат дека сум работел за странци, нема да ме остават да живеам повеќе“.

Дозволи за престој

Неколку демонстрации кои се одржаа во воената база во текот на летово ги натераа Германците да ветат дека ќе помогнат. Оние кои сметаат дека животот им е во опасност можат да аплицираат за дозвола за престој во Германија, вели Марко Шмидл, портпарол на германската армија во регионот.

Übersetzer der Bundeswehr in Kundus Protest
Протест на преведувачите на германската армијаФотографија: DW/Y.Sherzad

Дали дозволата ќе биде издадена, зависи од секој случај поединечно, вели Шмидл. Регулативата не се однесува само на оние кои соработувале директно со Бундесверот, туку и за сите оние кои работеле или работат за други германски министерства.

Но, некои од локалните жители се надеваат животот може да биде подобар и по заминувањето на германските трупи. Хајдар Хејдер, кој ја предводи авганистанската културна и литературна фондација во Кундуз, е еден од нив.

„Можно е, по повлекувањето на Бундесверот, да нема повеќе причина и за присуството на непријателските групи и дека борбите можеби ќе запрат“, смета тој.

Според Хејдер, обичните луѓе веруваат дека „странските трупи не дале позитивен придонес во изминатиот период“, и многумина се надеваат дека состојбата ќе се смири по повлекувањето на германските трупи.