Културен календар за февруари
4 февруари 2011Филм , филм и уште повеќе филм
И повторно очите на меѓународната филмска сцена се свртени кон Берлин, каде од 10 до 20 февруари ќе се одржи 61- то Берлинале. Фокусот на Меѓународниот филмски фестивал, како и секогаш, лежи во натпреварувачката секција, во која овојпат 16 филмови од целиот свет конкурираат за главните награди - Златната и Сребрените Мечки. На Берлиналето иако вон конкуренција ќе биде прикажан и најновиот филм на познатиот германски режисер Вим Вендерс во 3Д, технологија посветен на прочуената кореографка Пина Бауш. Меѓутоа, тоа не е се’. Покрај главната програма на фестивалот има уште шест други секции, меѓу нив и „Перспективи на германското кино“, која годинава го слави својот десетгодишен јубилеј, заедно со директорот на Берлиналето Дитер Кослик. Тој, имено, ја воспостави оваа секција со застанувањето на чело на фестивалот, бидејќи сметаше дека на германскиот млад филм му е потребна поддршка. И кога сме кај филмот, на крајот од месецот по традиција претстои уште еден голем настан. На 27 февруари, во Лос Анџелес ќе бидат доделени Оскарите - најпрестижната награда во филмската индустрија.
25 години на изложбената сала Ширн во Франкфурт
Да се организира голема изложба како изложбена сала за уметност воопшто не е лесно. Уште повеќе отколку кај големите музеи тука концептот мора да биде убедлив, зашто поради недостатокот на сопствена колекција, изложбените сали или Кунстхале како што ги нарекуваат во Германија, не можат да позајмат сопствени дела за возврат. Кунстхале Ширн од Франкфурт во изминатите 25 години изгради добар углед и нејзината јубилејна година ја започнува токму со една голема изложба посветена на надреалистите. „Надреални нешта. Скулптури и објекти од Дали до Ман Реј“ гласи насловот на изложбата која ќе биде отворена на 11 февруари, а ќе може да се погледне се’ до 29 мај. На неа ќе бидеат прикажани околу 180 дела на 51 меѓународно познат уметник , меѓу нив и популарни имиња како Пикасо, Душамп, Магрит или пак Дали. Тежиштето во Кунстхале Ширн постојано е насочено кон актуелниот однос на уметноста, кон обидот уметничките дела да се презентираат од една нова современа перспектива. Така на пример, со помош на одбрана група студенти по уметност од една од најважните уметнички школи во Германија ќе биде прикажано како делата на старите мајстори имаат влијание и во сегашноста. Студентите го огранизираат почетниот дел од изложбата.
Мултикулти против основна култура
Кој каде треба да се интегрира? Ова прашање го поставува еден проект во Берлин, кој испрати во истражување ученици од три средни училишта кои треба да разоткријат кој со што се идентификува и зошто. Со помош на студенти по етнологија тие требаше практично да изведат теренско истражување во нивната средина на живеење.
Каков е односот кон темата љубов? Какви традиции има соседот , најдобрата другарка, сопственото семејство, какви празници се слават, какви спомени се чуваат, за кои проблеми се говори, а кои се премолчуваат итн. Причината е фактот дека повеќето млади во берлинските средни училишта имаат сосема различни културни заднини. Многу од нив се родени во Германија, но родителите им доаѓаат од земји како Турција, Иран или Мароко. Во медиумите за нив најчесто се говори како за „луѓе со миграциско потекло“, но како тие се опишуваат самите себеси? Наместо да се говори за нив, тие во овој проект самите имаат збор. Резултатите во форма на видеа, текстови или пак инсталации, ги прикажува Куќата на културите на светот во Берлин, од 13 до 25 февруари, под наслов „Седум полиња“.
Саем за образование во Штутгарт
За многу учители и педагози во Германија Дидакта - најголемиот саем за образование во земјата е добра можност да стекнат нови идеи и поттици за нивната работа. Една од тежишните теми на Дидакта годинава е „интернатски базирано учење“, што во секој случај не е нова област, но затоа една од оние кои постојано натамошно се развива. Виртуелните симулации на пример, во меѓувреме се составен дел од многу образовни професии. Каде лежи границата меѓу играта и учењето? Севкупно ,во петте дена од саемот во Штутгарт, има околу 1500 различни манифестации, меѓу нив и воркшопи и предавања, на кои експерти ќе ги претстават новите дидактички трендови и методи, но и форуми на кои ќе се дискутираат теми од образовната политика. Со оглед на тоа дека саемот Дидакта им се обраќа не само на педагозите од определен регион, туку од цела Германија, тој се одржува во три различни градови, кои се менуваат од година во година. Штутгарт е на ред годинава, минатата година Дидакта се одржа во Келн, а во 2012 на ред е Хановер.
Курт Вајл фестивал во Десау
Тој е роден во Германија, но Курт Вајл подоцна веќе не се сметаше себеси за германски композитор. Тој во 1933 година избегал од Германија пред налетот на нацистите, најнапред во Париз, а подоцна и во САД, каде во 1943 година се стекнал со американско државјанство. Во Германија неговото име е познато пред се’ преку неговата соработка со драматургот Бертолд Брехт, во 20-те години на минатиот век. Курт Вајл, имено, ја напиша музиката за прочуената „Опера за три гроша“. Од 1993 година наваму неговиот роден град Десау му посветува музички фестивал, кој годинава под мотото „ Берлин во светлина“ ќе се одржи од 25 февруари до 13 март. Тоа е почеток на серија која во фокусот ги има трите града во кои творел Вајл - Берлин, Париз и Њујорк, односно животните услови и чувството што е поврзано со овие градови и тогашното време. Покрај концерти на класична музика, на фестивалот Курт Вајл во Десау ќе има и Вечери на шансоната, изложби, но и мал филмски фестивал, на кој ќе бидат прикажани филмови од Берлин во 20 и 30-те години од минатиот век, меѓу нив и „Берлин Александер-плац“ и „Синиот ангел“ - филмови кои беа забранети од нацистите, а денеска се класици.
Св. Валентин
Под сомневање постојано стојат продавачите на цвеќе, кои едноставно сакаат да заработат повеќе пари. Но кој всушност го измилил Денот на Свети Валентин? Неговото славење во Германија всушност не е вистински распоространето, но сепак во последниве години неговата популарност расте. Таков впечаток барем се стекнува кога на почетокот на февруари се набљудуваат излозите на продавниците. Срца и срца секаде каде што ќе се погледне. Од каде потекнува традицијата, меѓутоа, не може точно да се утврди. Понекогаш се говори за светиот бискуп Валентин , кој тајно ги венчавал заљубените двојки и потоа им подарувал цвеќиња. Други, пак, како потврда за долгата традиција на Денот на Св. Валентин посочуваат една песна на британскиот писател Џефри Чосер, во која се говори за птиците кои на овој ден си го бараат својот партнер.
Автор: Петра Ламбек / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска