1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен дијалог меѓу писателите

Линдита Арапи6 февруари 2006

Деновиве во главниот град на Австрија беше претставена антологијата „Пограничен сообраќај“. Станува збор за дело во кое писатели и писателки од Источна и Југоисточна Eвропа, учествуваат со свои песни и раскази во кои ги опишуваат нивните лични искуства со границитe. Тие меѓутоа го опишуваат и отркивањето на сличностите и на изненадувачките новини во нивните контакти со колегите писатели.

https://p.dw.com/p/AeTc
Виена
ВиенаФотографија: dpa - Bildarchiv

Антологијата е направена под покровителство на центарот Културен Контакт од Виена, кој со години наназад се грижи за културниот дијалог и соработка меѓу писателите од западот и оние од источна и југоисточна Европа . Меѓу авторите кои учествуваа со свои дела во антологијата „Похраничен сообраќај“ а ги имаше од Летонија , Украина, Албанија, Романија, Белорусија, Полска, Хрватска, Унгарија, Словенија, Русија и Србија и Црна Гора, се наоѓа и македонската писателка и поетеса Лидија Димковска.

Лидија Димковска и припаѓа на младата генерација на македонски поети. Нејзините песни се преведени на 20 јазици. Нејзиниот прв роман „Скриена Камера“ беше прогласен за најдобар роман на 2004-та година од страна на Здружението на писатели на Македонија. Димоковска која веќе четири години живее во Словенија на покана на Културконтакт од Австрија престојуваше во минатата недала во Виена.

При презентацијата на антологијата „Пограничен сообраќај“ во која различни автори од југоисточна Европа ги опишуваат преку литературата своите искуства со културните граници, Димковска истакна дека пишувањето во друга земја плодоносно делувало на нејзиното раскажување.

Се обидувам во странство да си создадам дом, раскажува 33 годишната писателка. Во Словенија да се одлучи да пишува на македонски.

„Во мојот мајчин јазик македонскиот се сите мои спомени, сите мои искуства, како дете, како млада девојка така што е многу тешко да го промениш јазикот на кој пишуваш. Да го промениш јазикот е како да ја промениш својата кожа . Јас можам да пишувам во други јазици но се одлучив да пишувам на македонски, и покрај тоа што е мал јазик, кој се говори само во Македонија, и македонската литература е речиси непозната и малку преведувана на странски јазици. Но можеби тоа е мојата судбина.“

Лидија Димоквска вели дека е задоволна, оти во последниве години културната размена меѓу балканските земји се наоѓа на добар пат:

„Мислам дека Балканот е многу поубав и порелаксирачки отколку што на прв поглед им изгледа на другите луѓе особено од Западот. За мене Балканот преставува големо искуство, регионот е многу богат со најразлични искуства на луѓе, судбини. Во последниве години можам да забележам дека комуникацијата е поголема за разлика од минатото, но денес, многу западни земји се обидуваат да ја поттикнат комуникацијата меѓу нашите земји.“

вели Димковска, која смета дека Антологијата „Пограничен сообраќај“ е силен сигнал за тоа. Голем дел од авторите кои беа собрани во Виена на презентацијата на Антологијата не се имале сретнато претходно, и тоа била добра можност да се запознаат вели македонската писателка додавајќи :

„На некој начин нам ни е потребен еден вид посредник на пример личност или земја кои можат да ни помогнат да започнеме да комуницираме. Но откако ќе ја започнеме комуникацијата ние можеме да бидеме многу добри пријатели и многу добри соработници. Така што се надевам дека комуникацијата ќе биде поголема во иднина бидејќи новите генерации нема да знаат толку многу за војните, проблемите, етничките затегнатости итн. Значи мислем дека ќе комуницираме многу повеќе отколку денес“