1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кукла која го рецитира коранот

6 март 2010

Кукли кои плачат и зборуваат има одамна. Но, сега една турска фирма за извоз и увоз на германскиот пазар пласира специјални кукли наменети за муслимански деца. Тие носат шамија и рецитираат извадоци од коранот.

https://p.dw.com/p/MKlo
Збогатување на мноштвото детски играчкиФотографија: AP

Наместо плач и песна, новите кукли рецитираат:

„Не постои друг господ освен Алах и Мухамед, кој е негов пратеник...“

„Се викам Амена и муслиманка сум“ - ова се зборови изговорени од една кукла. Амена има крупни светло кафеави очи, заруменети образи и мила насмевка на лицето. На главата носи шамија во виолетова боја, која ја покрива нејзината црна коса. Куклата е голема околу 25 сантиметри. Ако со рака се притисне нејзината дланка или стапалото, почнува да рецитира муслимански молитви.

Куклата Амена е наменета не само за игра на децата, туку и за да им помогне напамет да ги научат молитвите. Амена го објаснува и значењето на одредени шури од коранот и тоа на англиски јазик.

Начин на побрзо учење на молитвите

Куклата најпрво била наменета за британскиот пазар, но брзо стана хит и на германскиот. Хасан Муслан продава муслимански кукли во една трговска фирма за увоз и извоз во градот Крефелд:

USA Spielwaren Weitere Spielzeuge in USA zurückgerufen
Дали на децата им требаат играчки од различни вери?Фотографија: AP

„Исламот може да им биде приближен на децата преку игра. Кога јас бев дете, такво нешто немаше. Морав да учам коран и добивав мали објаснувања. Мислам дека овој начин на учење многу ќе им помогне на нашите деца во приближувањето на исламот, со надеж дека ќе станат добри муслимани.“

Во блиската детска градинка некои родители го делат мислењето на Муслан, особено муслиманите. Мнозинството цени дека Амена, куклата која цитира делови од коранот, е успешна идеја.

„Според мене, тоа е во ред. Мора да знаеш од каде потекнуваш, доколку една кукла може да придонесе во тоа, зошто да не“.

За религијата нема место во градинката

Но, од куклата не се сите одушевени. Родителите кои не се муслимани сметаат дека религијата е приватна работа и не смее да се внесува во градинка.

„Тоа е дефинитивно можност за манипулирање со децата. Потребна е внимателност, не сакам да кажам дека овие кукли треба да бидат забранети, но кај мене постои сомнеж.“

Дали станува збор на децата преку игра да им се приближи религијата или за манипулација? Експертот за ислам од Диселдорф, Михаел Кифер не верува дека децата преку игра со кукли како Амена подоцна би можеле да бидат верски заслепени:

„Тоа може да се претвори во вид детски интерелигиозен дијалог. Ако воспитувачките посредуваат и доколку и родителите се запознаат со различните религии на кои припаѓаат децата во градинката, тогаш тоа не е проблематично.“

Автор: Мурат Коунчу / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска