1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Крушево-етно град‘‘-магнет за туристите

7 август 2011

Во историското Илинденско Крушево во тек е манифестацијата „Крушево-етно град‘‘. Во изминатите три години откако почна манифестацијата Крушево го посетиле над 10 илјади гости.

https://p.dw.com/p/12CUc
Заживување на туризмот преку потсетувањето на историјатаФотографија: MIA

Организатор на Манифестацијата „Крушево-етно град‘‘, која ќе трае до 10 август, е општината под покровителство на Министерството за култура. Манифестацијата има за цел да го презентира културно –историското наследство на Крушево, да придонесе за заживување на туризмот, како и за развој на економијата. Во изминатите три години откако почна манифестацијата Крушево го посетиле над 10 илјади гости.

Во Крушево деновиве освен звукот на камбаните од бројните цркви и старата архитектура на прекрасните куќи назад во 1903 година и порано во историјата ве враќаат и бројните статисти. Околу 200 крушевчани и млади и постари кои шетаат низ крушевските улички облечени во комити, турски и староградски облеки ви овозможуваат да го почувствувате духот на едно време.

Крушево да се врати на балканската туристичка мапа

Замислата на манифестацијата „Крушево –етно град‘‘ за почеток е враќање на Крушево на балканската туристичка мапа, бидејќи градот има премногу ресурси коишто можат да се стават во туристичка функција, потенцира за Дојче веле Зоран Богески, директор на Историскиот музеј на Крушево, еден од носителите на манифестацијата: „Сакавме да претставиме се‘ она што е историско, културно,фолклорно, етнолошко и воопшто било кое наследство што може да се претстави во таа насока. Сега во самиот етно град оваа година ги претставуваме фолклорните богатства, не само на македонскиот народ, на влашкиот, на турскиот, на Египќаните, бидејќи во Крушево во времето на востанието по што е познато организирањето на Крушевската република, живееле повеќе милети, односно тоа се народностите кои ги признава Османската империја‘‘.

Traditionell mit den Pferden nach Krusevo
Фотографија: DW

Манифестацијата „Крушево-етно град‘‘ има цел и да се претстават, но и заживеат, некои од бројните занаети кои се‘уште ги има во Крушево како кујунџискиот, чевларскиот, казанџискиот, копаничарскиот и други, потенцира Богески:

„Се‘ што има Крушево како богатство не само да го презентираме туку буквално да го оживееме, да ги реанимираме занаетите, да бидат ослободени или, ако би плаќале некои давачки кон државата, тие да бидат минимални. Сето тоа за да можат да бидат функционални угостителските објекти‘‘.

Да заживее економијата

Васил Дамчевски, градоначалник на Крушево оцени дека манифестација „Крушево –етно град‘‘ е одлична бидејќи привлекува се‘ поголем број на туристи и придонесе за заживување на економијата, изградба на инфраструктурни, спортски и други објекти во градот:

Vasil Danceski Mazedonien
Градоначалникот Васил ДанческиФотографија: DW

„Бидејќи е една добра можност и добра манифестација којашто може да привлече доста голем број на туристи во нашиот град и од тоа економски бенифит ќе имаат сите граѓани на Општина Крушево‘‘.

Манифестацијата е можност посетителите да ги пробаат старите слаткарски специјалитети на Крушево, како локумот со ореви, ни појаснува Лоле Јада која го продава локумот кој веќе 40 години го прави нејзиниот сопруг по древен рецепт:

„Доста е познат, доаѓаат и странците, мислам нашите иселеници кои живеат во Австралија, Америка од цел цвет ги има и го купуваат нашиот локум‘‘.

Манифестацијата е можност и угостителите да го почувствуваат бенифитот. Јорго Абаџи има кафуле, летна бавча во центарот на Крушево:

„Се зголеми многу прометот откакозапочна оваа манифестација, има многу повеќе гости. Мислам дека е одлично да продолжи оваа манифестација‘‘.

Зацврстување на пријателството меѓу народите

Volkstänzer aus Kostur Griechenland
Фолклорното друштво Аеропигис од КостурскоФотографија: DW

Со Влашка вечер која е една од бројните нацинални вечери во рамките на „Крушево-етно град‘‘ се придонесе за зацврстувње на мостот на пријателството меѓу народите на двете земји-Македонија и Грција. Фолклорното друштво „Аеропигис‘‘ од Костурско во Грција е таков пример. Фотис Трасијас е раководител на влашката заедница во Грција: „Сметам дека оваа културна соработка ќе придонесе донекаде и за полесно решавање за спорот за името‘‘.

На крајот на вечерта играорците од двете земји, домаќините и посетителите тоа го докажаа со дружење и заедничко оро во центарот на Крушево, до доцна во ноќта.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска