1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Крокодил“ ги обединува писателите од екс - Југославија

Уна Сабљаковиќ/ Александра Трајковска14 јуни 2013

Во Белград е отворен петтиот регионален книжевен фестивал „Крокодил“, кој ги собира писателите и колумнистите од поранешните југословенски републики. Целта е да се придонесе за обновување на врските меѓу писателите.

https://p.dw.com/p/18pPy
Фотографија: Igor Jeremic

Целото име на фестивлот, отворен во амфитеатарот пред Музејот на историјата на Југославија на Дедиње е: Книжевен Регионален Собир Кој Отстранува Здодевност и Летаргија (КРОКОДИЛ). Меѓу пистелите учесници оваа година се писателите и колумнисти Мухарем Баздуљ, Анте Томиќ и Теофил Панчиќ, како и Абдула Сидран и Желимир Жилник.

Врските на писателите во регионот денес и пред војните

На прашањето дали врските меѓу писателите од поранешните југословенски републики го достигна нивото кое постоеше и пред војните, еден од основачите на фестивалот, белградскиот писател Владимир Арсенијевиќ за ДВ вели дека „тоа ниво не може никако повторно да се достигне, но може да се создаде нешто поинакво и ново“.

Арсенијевиќ појаснува дека во времето на поранешна Југославија постоеше обединето издаваштво и обединет пазар, „такашто сосема нормално беше писател од Белград да биде загребски писател во смисол на издаваштвото“. За сегашната состојба тој забележува: „Тоа е нивото каде имате голем број писатели од регионот кои се добри пријатели, блиски, кои се познаваат, патуваат во регионот, разменуваат текстови, книжевни влијанија, а од друга страна во мејнстримот ја имате таа блага незаинтересираност на едни за други“, вели Арсенијевиќ.

Literaturfestival Krokodil in Belgrad Maskottchen
Маскота на книжевниот фестивал во Белград „Крокодил“Фотографија: Igor Jeremic

Тој потсетува дека поврзувањето на писателите од регионот беше иницирано околу 2000 година, кога во Белград беше основана издавачката куќа „Ренде“, додека во Загреб започна фестивалот „Фак“, кој ја промовираше регионалната книжевност. „'Крокодил' во некоја смисла ја продолжува таа идеја и тој концепт и фестивалот е регионален на начин на кој ние работиме од првиот момент кога се создадоа политичките услови за тоа“, вели Арсенијевиќ.

Хрватскиот колумнист и писател Анте Томиќ за врските на писателите пред војните и денес вели: „Јас не знам какви беа врските пред војната, бидејќи тогаш не бев писател и не се дружев со писател, бев премлад за тоа. Во Србија сум присутен од 2001 година и се среќавам со моите пријатели како Теофил Панчиќ и Влада Арсенијевиќ. Ние соработуваме веќе десет години, се гледаме на различни фестивали и станавме многу блиски пријатели. Јас не знам што значи тоа за хрватската или за српската култура, но нам тоа навистина ни значи“.

„Имаме работа со слепци и имбецили“

За тенденцијата за укинување на кирилицата во Хрватска и латиницита во Србија Томиќ вели: „Тоа е грозно. Тоа е застрашувачки. Погледнете со каков примитивен свет имаме работа. И едните и другите. Тоа нешто како што е писмо, букви, нешто што е измислено со величествена и благородна замисла да шири знаење за луѓето, да го зголеми вкупното знаење на човештвото, такво нешто да се прогласи за непријателски, тука гледате со какви слепци и имбицили имаме работа“.

Literaturfestival Krokodil in Belgrad Muharem Bazdulj
Фотографија: Igor Jeremic

Босанскохерцеговскиот писател Мухарем Баздуљ ја истакнува важноста на воспоставувањето на врски меѓу писателите од помладата генерација. „Писателите од мојата генерација всушност не обновуваат никакви врски, туку сега ги создаваат и мислам дека тоа можеби е и позначајно отколку обновување на врските. Кога како појдовна позиција во некоја административно-политичка смисла го имате фактот дека тоа формално-правно се различни држави, дека имаме различни пасоши, но дека функционираме во рамки на ист јазик, мислам дека е важно, барем Хрватска, БиХ, Србија и Црна Гора, кои делат ист јазик, да ја воспостават таа книжевна соработка. Бидејќи е факт дека книгите, кои се објавуваат во овие земји, се читаат без превод“.

Во рамките на фестивалот „Крокодил“, кој трае до утре (15.06) се одржува и тркалезна маса насловена „Бура во чаша вода“ за несогласувањата на современите писатели како и вечери посветени на прозата, како и врските на музиката и книжевноста.