1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крои како сакаш, ракавите се куси

28 август 2009

Македонија е во рецесија. Втор квартал по ред има негативни стапки на бруто домашниот производ. Владата ребалансира, опозицијата напаѓа.

https://p.dw.com/p/JJsZ
Фотографија: picture-alliance/Godong

Бројките на владата и Народната банка на Македонија за пад на бруто домашниот производ меѓу минус еден и минус два проценти, покажуваат дека земјата се наоѓа во посериозна криза отколку што тоа се прикажува јавно.

Менаџерите упорно бараат поенергична интервенција на владата, особено во кредитирањето на извозното стопанство. „Мислам дека е потребна брза и енергична акција за реализација на мерките што ги најави владата. Тука мислам, пред се‘, на кредитната линија од Европската инвестициона банка - зборувам за металургијата, текстилната и за чевларско-кожарската индустрија“, вели претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Владата долго се премислуваше колку од буџетските трошоци да скуси, за да се олесни товарот на граѓаните, а особено на компаниите. Вицепремиерот Зоран Ставрески, синоќа (27.08.2009), не се симна од телевизиските екрани, објаснувајќи дека буџетот ќе се намали за 70 милиони евра, иако не се исклучува уште еден ребаланс до крајот на годината: „Со овој ребаланс се обидовме да направиме сериозни заштеди. Сепак, заради тоа што случувањата во светската економија се прилично непредвидливи, не би можело да се каже дефинитивно какво ќе биде остварувањето до крајот на годината и во делот на приходите и во делот на расходите“, изјави Ставрески.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Што да се скрати за да се олесни товарот за компаниите?Фотографија: Nikos Pilos

Министерот за финансии и вицепремиер очигледно ги прифати сугестиите на неговиот претходник, Трајко Славески, кој пред да биде разрешен јавно му сугерираше на премиерот да ги скуси буџетските расходи за најмалку 100 милиони евра. Славески замина од владата поради судирот со премиерот Никола Груевски.

Негативен ќе биде и третиот квартал

Македонија за годинава проектираше најголем буџет досега. „Во вториот квартал, што измина, е остварена најниска стапка oд околу минус два процента. Очекуваме и третиот квартал да биде негативен“, вели Зоран Ставрески, кој ден пред овие информации, во битката со опозицијата и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, се бранеше со позитивен економски пораст од пет проценти, но во претходната 2008 година.

Silmak Jegunovce
На металургијата и‘ е особено тешкоФотографија: Petr Stojanovski

Опозицијата остро ја критикува економската политика на владата: „Ако вие на почетокот на годината речете ’Во 2009 година ќе имаме економски раст од 5,5%’, во февруари министерот Ставрески, во јавен настап рече дека ќе имаме солиден економски раст, тогаш тоа кога-тогаш ќе ви се одрази на кредибилитетот’, оценува потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, еден од новите надежи во екипата на стариот лидер на партијата, Бранко Црвенковски.

Aвтор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема