1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики за бугарските служби по атентатот во Бургас

Александар Андреев/Б. Георгиевски19 јули 2012

Експерти и политичари ги критикуваат безбедносните служби во земјата, по самоубиствениот напад во Бургас во кој загинаа седум лица, а 30-ина беа повредени.

https://p.dw.com/p/15aps
Фотографија: Reuters

Нападот можеше да се очекува, велат бугарски политичари и експерти по самоубиствениот атентат во Бургас кој ги однесе животите на седум лица, а потешко повреди повеќе од 30. Израелските служби во минатото честопати ги предупредувале бугарските власти за можни терористички акти на нивно тло. Бугарија е популарна дестинација за израелските туристи, а според Тел Авив, со тоа и потенцијална цел на напади од исламски терористи кои би се инфилтрирале од Турција.

Во јануари годинава, израелските медиуми јавија дека бугарската полиција открила бомба во автобус со кој група израелски туристи требало да се превезат до познат зимски туристички центар. И бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска (19.07) потврди дека предупредувања имало:

„Последниве години добивме околу 15 предупредувања и спречивме повеќе напади“.

Каде беа безбедносните служби?

Поради тоа бугарски власти сега се најдоа на удар на критиките, пред се’, во домашната јавност. Поранешниот вицепремиер задолжен за национална безбедност, Димитар Лудјев, вели дека земјата не е подготвена за вакви ситуации.

Bulgarien Flughafen Burgas Explosion Israelischer Reisebus
Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на местото на атентатотФотографија: Reuters

„Не се грижевме доволно за безбедноста на израелските туристи. Досега само израелски авиокомпании ги превезуваа израелските туристи до летувалиштата на Црното море. Со нив секогаш патуваа и припадници на израелските безбедносни служби, кои ги придружуваа се’ до хотелот. Во овој случај, патниците летале со бугарска компанија и немале никаква безбедносна придружба. Ова е срам за бугарските служби“, вели за ДВ, Лудјев.

Истото прашање го поставува и експертот за Блискиот исток кој живее во Бугарија, Мохамед Халаф:

„Каде беа бугарските служби кои требаше да ги заштитат израелските туристи?“

И бугарскиот претседател Росен Плевнелиев отвори дилеми околу способноста на тајните служби, но ваквите критики ги отфрлија премиерот Борисов и министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов.

„Вакви напади можат да се случат каде било во светот. Но се случија кај нас“, рече Борисов.

Хезболах или Иран?

Дипломатски кругови во Софија се сомневаат дека зад нападот стојат припадници на радикалната либанска група Хезболах, обвинувања кои официјален Тел Авив веќе јавно ги изнесе. Се шпекулира дека нападот би можел да биде поврзан и со Конференцијата за Сирија која се одржа пред неколку месеци во Софија. Израелските власти, пак, соопштија дека за нападот го сметаат одговорен режимот во Техеран, кој според некои сознанија на овој начин се одмаздувал за убиствата на иранските нуклеарни научници.

Bulgarien Flughafen Burgas Explosion Israelischer Reisebus
Фотографија: Reuters

Поранешниот министер за надворешни работи и експерт за безбедност Соломон Паси, вели дека сега Бугарија многу зависи од помошта од сојузниците во ЕУ и во НАТО. И еврокомесарката Кристалина Георгиева се заложи за поинтензивна соработка со ЕУ и Европол за побрзо расчистување на случајот.