1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кристијан Вулф си ја врати честа

Марсел Фирстенау/Б. Георгиевски28 февруари 2014

Поранешниот германски претседател Кристијан Вулф е ослободен од обвиненијата. Него и понатаму ќе го следи имиџ на човек кој не е достоен за висока функција. Но, не беше Вулф тој кој потфрли, туку медиумите.

https://p.dw.com/p/1BHHR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кристијан Вулф е рехабилитиран, и тој тоа го заслужи. Не од сожалување, туку затоа што одлуката на судот во Хановер е некој вид правда, за казните и понижувањата кои Вулф ги доживеа надвор од судот.

Една година откако во февруари 2012. поднесе оставка на функцијата, почна судењето на Вулф за корупција. И без разлика на ослободителната пресуда, тој досега плати висока цена и професионално и приватно. Кусо откако ја напушти функцијата, на Вулф му се распадна и вториот брак.

Вулф секако и самиот е виновен за својот неуспех. Тоа е приказна за политичар во потрага по признание, човек кој својот приватен живот го направи јавен многу повеќе од потребното. Тој со задоволство го хранеше булеварскиот печат со детали од приватниот живот. Со својата многу помлада, атрактивна сопруга Бетина, Вулф уживаше во предностите на функцијата. Но тоа беше во спротивност со традицијата на претседателската функција: од германскиот претседател вообичаено се очекува да биде повлечен, да се претставува речиси како благородник. Но, претседателскиот пар очигледно не ги поседуваше тие особини. Сепак, Кристијан Вулф требаше да си ја задржи функцијата, доколку обвинителството во Долна Саксонија не одлучеше да отвори обвинение против него.

Улогата на медиумите

Сега веќе нема логика да се шпекулира со тоа дали обвинението требаше да биде поведено или не, и покрај тоа што обвинителството целиот случај на крајот го сведе на обвинување за корупција во вредност од бедни 753 евра и 90 центи. И тие беа отфрлени од судот.

DW Marcel Fürstenau
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Клучното прашање останува: каква улога играа медиумите во целата афера? Сосема е легитимно да се претпостави дека огромниот фокус врз Вулф доведе и од отворањето на истрагата. Кризниот менаџмент на Вулф, откако беше откриена аферата беше, благо речено, очаен. Но мора да се забележи дека тој беше буквално прогонуван од новинарите кои, иако ја извршуваа својата задача за презентирање на фактите, сепак никогаш не успеаја да ја сокријат возбудата дека имаат можност да урнисаат една славна личност. Пресметано е дека приказната на Вулф била емитувана неверојатни 22 часа на различни германски програми.

Последен настап

Во завршницата од драмата, обвинетиот успеа да претстави попозитивен имиџ. Вулф го искористи настапот на сцената, за со помош на своите адвокати, да ја докаже својата невиност. И повторно, бројни медиуми ја искористија можноста за да испродуцираат драматични наслови и да го доловат Инстаграм-моментот кој ќе ја претстави целата афера. Еден од тие моменти, секако се случи на отворањето на судењето кога Кристијан Вулф се сретна со својата поранешна сопруга Бетина во ходникот на судот. И повторно, јасно на виделина излезе незаситната желба за сензационализам на новинарите.

Во секој случај, Кристијан Вулф сега барем може да добие мала утеха во вратената чест.