Криза со струјата, но нема рестрикции
13 февруари 2012Македонскиот вицепремиер Владимир Пешевски и министерот за економија Ваљон Сарачини, на денешната прес-конференција одржана заедно со првите луѓе на МЕПСО и ЕЛЕМ, соопштија дека „одлуката за кризната состојба е заради појава на сериозно нарушување на функционирањето на електроенергетскиот систем и неможноста за негова функционална одржливост, недостаток на електрична енергија во системот проследен со неможност за увоз, екстремно ниски коти на акумулациите заради континуирано неповолните хидромеоролошки услови, како и екстремно зголемување на потрошувачката на електричната енергија поради ниските температури во континуитет“.
До граѓаните е упатен апел да штедат електрична енергија: „Нема простор за паника и загриженост за сериозно нарушување на електроенергетскиот систем, но сите граѓани, домаќинствата и компаниите треба да имаат одговорност“, рече Пешевски.
Дополнителните мерки за штедење на енергијата утврдени од владата опфаќаат исклучување на сите светлечки реклами, сведување на минимум на осветлувањето на улиците, плоштадите и другите објекти, како и забрана за употреба на струја за дополнително загревање.
Владата од денеска до 29 декември го ограничи извозот на електрична енергија од Македонија.
Автор: ЕМФ/миа/макфакс
Редактор: А. Трајковска